Австралија: Помилувана жена осудена за убиство на сопствените деца, на слобода по 20 години

од Stefanija Kuzmanovska

Кетлин Фолбиг, жената која некогаш беше опишана како најлошиот сериски убиец во Австралија, е помилувана откако судот врз основа на нови докази утврди дека таа не ги убила своите четири деца.

Таа помина 20 години во затвор откако поротата одлучи дека ги убила синовите Кејлеб и Патрик и ќерките Сара и Лаура.

Но, последната истрага и докази покажаа дека децата починале од природна смрт.

Случајот на оваа 55-годишна жена е опишан како една од најголемите грешки на австралиското правосудство.

Фолбиг, која упорно тврдеше дека е невина, во 2003 година беше осудена на 25 години затвор за убиства на три деца и убиство од небрежност на нејзиниот син Кејлеб.

Секое од децата ненадејно починало помеѓу 1989 и 1999 година, на возраст меѓу 19 дена и 19 месеци, а обвинителите на судењето тврдеа дека таа ги задушила.

Претходните жалби и посебната истрага за случајот од 2019 година им дадоа поголема тежина на посредните докази во првобитното судење.

Но, во новата истрага, предводена од пензионираниот судија Том Бетарст, обвинителите прифатија дека истражувањето на генските мутации го променило нивното разбирање за детската смрт.

Јавниот обвинител на Нов Јужен Велс, Мајкл Дејли, рече дека Бетарст имал цврст став дека постои оправдано сомневање дека Фолбиг е виновна за секое кривично дело.

Како резултат на тоа, гувернерот на Нов Јужен Велс потпиша целосно помилување и нареди итно ослободување на Фолбиг од затвор.

„Тоа беше 20-годишно искушение за неа… ѝ посакувам мир“, рече Дејли, додавајќи дека сочувствува со Крег Фолбиг, таткото на децата.

Во истрагата во 2022 година, адвокатите на Фолбиг посочија дека е неверојатно четири деца од едно семејство да умрат од природна смрт.

Безусловното помилување не ги поништи осудите на Фолбиг, рече Дејли.

Тоа ќе го реши Кривичниот Апелационен суд, доколку Бетарст одлучи повторно да го отвори случајот. Тој процес може да потрае и до една година.

Доколку се укинат пресудите на Фолбиг, таа би можела да ја тужи владата за отштета од милиони долари.

Таа, исто така, може да добие спогодба слична на онаа на Линди Чембрлен, на која во 1992 година ѝ беа доделени 1,3 милиони долари за погрешна смрт на нејзината ќерка Азарија.

„Невозможно е да се сфати неправдата што ѝ е направена на Кетлин Фолбиг – болката од губењето на нејзините деца и речиси две децении во затвори со максимална безбедност за злосторства за кои науката докажа дека не се случиле“, рече нејзиниот адвокат Рејни Рего.

Фолбиг беше пречекана пред затворските порти од пријатели кои со години водеа кампања за нејзино ослободување, а Дејли апелираше за приватност за таа да може да продолжи со својот живот.

Слични содржини