Автобусот на „Дурмо Турс“ на технички бил два пати во 2018 година, прегледите траеле по три минути

од Aleksandar Todeski

Видео запис од тоа како течела регистрацијата на осумдесет и шест автобуси побарало Министерството за внатрешни работи кога испратило контролори да ја проверат фирмата „Авто Мото Здружение“ од Гостивар, сопственост на Дурмиш Белули, сопственикот на „Дурмо Турс“, чиј автобус минатата година се преврте во Ласкарци, а во кој шеснаесет лица го изгубија животот, пишува „Стандард“.

Проверката на „АМЗ Гостивар“, распослана на десет страници покажува дека во проверката се најдени низа неправилности, а најмногу забелешки има кај автобусот „Сетра“, кој на кобниот 13-ти февруари 2018 година учествуваше во кобната сообраќајна несреќа.

„Стандард“ го доби записникот од проверката направена на 16.02.2019 година, три дена по несреќата, а во кои е наведено дека првиот надзор на автобусот, направен на 07.02.2018 година, проверката траела само две минути и 52 секунди, а била изоставена проверката на системот за еластично потпирање. Втората проверка пак, направена е на 18.12.2018 година, која овој пат траела три минути и седум секунди, а не се извршила проверка на системот за кочење.

Во забелешката на МВР е наведено: „Утврдивме дека и во двата случаи, на дена 07.02 и 18.12.2018 година, извршените технички прегледи над предметниот автобус се извршени нецелосно и на непрописен начин, спротивно на пропишаната законска регулатива, особено нецелосно се прегледани виталните уреди и системи на возилото“.

Во автобуската несреќа што се случи на 13 февруари минатата година кај селото Ласкарци, загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени.

За случајот отпочна и судски процес, кој се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци. Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски, а следното рочиште е закажано за утре.

За автобуската несреќа обвинети се шест лица, сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека пак тројцата вработени во станицата за технички преглед „АВЗ Гостивар“, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, за соучество во истото дело.

Извор: Стандард.мк

Слични содржини