Богоевски: „Уставобранителите“ се терористи и ништо помалку од тоа

од Nikola Popovski

„Ма, какви уставобранители. Терористи и ништо помалку од тоа“, објави поранешниот пратеник од СДСМ и активист, Павле Богоевски, потенцирајќи на лицата кои се осудени за тероризам за настаните од 27-ми април во Собранието.

Според него, тоа што се случи на кобниот 27-април е терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

„Според Член 313 КЗ на РСМ, Тој што со намера да го загрози уставниот поредок (ЧИТАЈ: мирна транзиција на власт) или безбедноста на Република Северна Македонија (ЧИТАЈ: упад во законодавниот дом) ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија (ЧИТАЈ: пронајдени импровизирани експлозивни направи во Собрание на РСМ по 27. април), пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство (ЧИТАЈ: обид за егзекуција, тепање и држење заложници на народни избраници), создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните (ЧИТАЈ: со намера или закана да предизвика граѓанска војна), ќе се казни со затвор најмалку десет години (ЧИТАЈ: НАЈМАЛКУ)“, напиша Богоевски.

За настаните во Собранието од 27-ми април, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, е осуден на затворска казна од 18 години, а полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски  добија затворска казна од 15 години.  Оливер Поповски е осуден на 13 години затворска казна, Мунир Пепиќ на 15 години, Абдуљфета Алими на 7 години, Оливер Радулов на 10 години, Јане Ченто на 15 години, Игор Југ на 12 години, Александар Василевски-Нинџа на 8 години, Никола Митревски-Кољо на 15 години, Младен Додевски на 12 години, Горанче Ангеловски на 12 години, Влатко Трајковски на 15 години и Вилијам Михајловски на 14 години затвор.

Беа обвинети вкупно 33 лица. Тие се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. 15 од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ во текот на постапката ја негираа својата вина.

Слични содржини