Британските компании имаат потешкотии да тргуваат со ЕУ по „Брегзит“

од Vladimir Zorba

На британските компании им беше тешко да тргуваат со Европската унија оваа година според условите на трговскиот договор за „Брегзит“ склучен со Унијата, покажа студија објавена во четвртокот.

Британската трговска комора (BCC) соопшти дека 45 отсто од анкетираните компании во октомври сметале дека е многу или релативно тешко да тргуваат со стоки со ЕУ, што е повеќе од 30 отсто во јануари кога стапи на сила Договорот за трговија и соработка (TCA).

За британските компании кои извезуваат, таа бројка беше 60 отсто.

„Овие податоци секако илустрираат дека проблемите со TCA не се минливи, туку структурни недостатоци кои, иако може да се поправат, но ако не им се посвети внимание, ќе доведат до долгорочна штета на нашиот увоз и извоз“, рече директорот на BCC Шевоун Хавиленд.

Уделот на компаниите кои пријавиле потешкотии во трговијата со услуги со ЕУ исто така се зголеми од 14 на 23 проценти.

Резултатите од истражувањето се совпаѓаат со официјалните податоци кои покажуваат дека британските извозници се мачат да се справат со меѓународните стандарди откако петтата светска економија го напушти економскиот систем на ЕУ.

Во октомври, Велика Британија беше единствената земја во групата од седум водечки економии чиј извоз на стоки не се опорави на просекот од 2018 година.

Застапниците на „Брегзит“ веруваат дека Британија, на долг рок, ќе може подобро да ги искористи пазарите кои растат побрзо, отколку кога беше членка. Многу економисти се скептични дека ова ќе ја надомести изгубената трговија со блокот.

Анкетата е спроведена на околу илјада компании во периодот од 7 до 31 октомври.

Слични содржини