Бугарски медиуми: Претепан секретарот на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид

од Nikola Popovski

Синоќа бил претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Ова го објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на својот Фејсбук профил.

-Насилството, омразата и дискриминацијата мора да престанат! Очекувам итна реакција од властите во двете земји! Оваа ситуација е неподнослива. Политичката класа, медиумите и академиците создадоа атмосфера на омраза и прогон на Бугарите. Европските институции ќе бидат информирани! Момчето е во болница! Полицијата е известена!“, напишал Ковачев, пренесува бугарски „Дир“.

Подоцна Ковачев појаснил дека имало тројца напаѓачи и дека се идентификувани. Тој самиот се обидел да разговара со претепаниот по телефон, но не успеал, бидејќи, како што тврди лицето имало скршена вилица.

Ковачев информира и дека телефонски разговарал со министерот за надворешни работи Бујар Османи, пишува „Дир“.

Контроверзната бугарска партија „Преродба“ соопшти дека категорично ја осудуваат „антибугарската хистерија и бранот на омраза“ во Република Северна Македонија и најавуваат дека ќе преземат мерки за поддршка на секретарот на бугарскиот клуб, Христијан Пендиков.

Клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен на 7 октомври минатата година, проследен со протести на граѓани, со поддршка од опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

Според последните измени кои беа направени во Собранието врз Законот за здруженија и фондации, бугарските културни центри со контроверзни имиња во земјава имаат рок од три месеци, почнувајќи од ноември минатата година, да ги променат називите на здруженијата.

Слични содржини