Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ најавил дека ќе го промени името

од Nikola Popovski

Бугарскиот културен клуб во Охрид „Цар Борис Трети“ пред пет дена поднел барање до Централниот регистар за промена на името согласно измените во Законот за здруженија и фондации, информираат од Регистарот. Од клубот „Иван Михајлов“ од Битола досега нема поднесено такво барање.

Ѓорѓи Трендафилов од Граѓанско демократската унија (ГДУ), кој денеска заедно со претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски како претставници на Бугарите во земјава имаа средба со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, информира дека не било посебно разговарано за менување на имињата на здруженијата.

Средбата доаѓа на ден до истекот на рокот за промена на имињата, што во спротивно доколку не се случи ќе бидат затворени.

Предложените законски измени успедија по отворањето бугарски клубови во земјава на 16 април 2022 година во Битола и на 7 октомври истата година во Охрид. Пратениците на 17 октомври лани дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според усвоените измени во Законот за здруженија и фондации, отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

Слични содржини