Четвртиот бран стивнува – ковид мерките остануваат

од Берта Китинска

Надлежните сметаат дека се додека нема доволно имунизирано население, не може да се зборува за укинување на мерките.

Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале ковид-19, имаат имунитет, истакна министерот за здравство Беким Сали и додаде оти е оптимист за општата состојба со ковид во земјава, но не и за антиковид-мерките.

Како што кажа и самиот, сè уште се наоѓаме на граница помеѓу жолта и зелена зона во врска со ковид-состојбата, но повеќе одиме кон жолтата.

„Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа сè уште не сум оптимист за мерките“,истакна министерот.

Тој посочи дека индикаторот за хоспитализација и новоинфицирани е позитивен, но оти веќе не е показател само бројот на новоинфицирани, туку дека е многу значајно колку се новоинфицирани и хоспитализирани на 100 000 жители и колку од нив имаат последици од тоа.

Досега во земјата се направени вкупно 1.925.963 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 301.895, бројот на оздравени пациенти е 290.907, на починати е 9.155, а бројот на активни случаи изнесува 1.833.

Слични содржини