Дали со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се збогуваме со европската иднина: „Мицкоски свесно не турка кон изолација“

од Nikola Popovski

Партиските калкулации за изборите веќе се во полн ек, а со нив и обвинувањата кој е во право, а кој оди контра интересите на државата. Синоќешниот настап на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски ги доведува во прашање понатамошните основи за евентуално коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ, но и европската иднина на земјата. Запрашан за противењето на неговата партија за гласање на уставните измени и како тоа може да значи нови 10 години блокада Мицкоски одговори дека тоа може да биде и повеќе. „Може да бидат и сто години и никогаш да не се случи“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали ваквиот став на Мицкоски е своевиден ризик?

Овој одговор на Мицкоски навистина сугерира дека можеме да се збогуваме до европската иднина, доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, сметаат дел од експертите. Според новинарот Зоран Бојаровски, за аналитичарите кои посериозно ги следат неговите изјави и однесување кога се во прашање европските интеграции, а претходно и процесот за членство во НАТО, тоа и не е некое изненадување.

-Блокадата на овие процеси од страна на ВМРО-ДПМНЕ има континуитет уште од 2008 година, кога после Букурешт влегоа во екстремна националистичка реторика и идентитетски инженеринг со единствена цел да се ескивираат членството во НАТО и ЕУ, вели Бојаровски за „Локално“.

Како што вели соговорникот, сега повторно се тера истата политика, за наводно загрозување на македонскиот идентитет, иако Брисел постојано повторува дека ги прифати и Македонците како народ и македонскиот јазик како непобитни кодови на нашиот национален идентитет.

-Тоа ја става оваа партија дефинитивно на страната на антиевропските и антимакедонските позиции затоа што со овие политики на држење на Македонија подалеку од ЕУ, всушност се доведува во прашање егзистенцијалното постоење на нацијата и државата под заканите што доаѓаат од истокот и од заканите од „белата чума“, оценува Бојаровски.

Со ваквиот став се согласува и универзитетската професорка, Ана Чупеска. Во разговор за „Локално“ вели дека лидерот на опозицијата е дефинитивно спремен да ја внесе земјава во изолација доколку има можност за тоа.

Како што посочува, ова оди и малку подалеку од вообичаен евроскептицизам, односно вели Чупеска, се чини има јасна тенденција да стои на источен ветер.

Споредби со времето на Груевски

Мицкоски во синоќешното интервју порача дека поголема демократија во земјава имало во времето на владеењето на претходниот премиер Никола Груевски. Според Бојаровски, ништо не може да ги испере гревовите и заробената држава од времето на екс-претседателот на Владата.

-Ниту една перална, па ни таа во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Режимот на ВМРО-ДПМНЕ под власта на Груевски засекогаш ќе остане запаметен како најмрачен во периодот на самостојна Северна Македонија, посочува новинарот.

Од друга страна, професорката Чупеска смета дека Мицкоски веројатно се обидува да им се додвори на груевистите во ВМРО-ДПМНЕ, за кои вели, дека се поизвесно е дека не го поддржуваат во самоубиствените пориви.

Со став излегоа и од СДСМ

За владеачката СДСМ, Мицкоски потврди дека неговата партија сака целосна блокада на евро-интегративниот процес на земјата. Велат дека признанието на Мицкоски е јасна потврда, со ДПМНЕ и Левица нема членство во ЕУ и нема напредок, нема иднина.

-Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица сакаат да ја вратат државата назад, во мрачно минато, во изолација, скарана со сите. Кочењето на европскиот пат е на директна штета на граѓаните, на повисок стандард, поголеми плати, поголеми пезнии, подобра иднина за младите. Тоа еднаш сме го виделе, кога 11 години бевме заглавени. Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица е закана за европската иднина на земјата и мора да биде поразена. Изборите ќе бидат своевиден референдум за иднината на земјата, рече пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Н.П.

Слични содржини