Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за верски заедници во РМ

од desk4

  Даријан Сотировски од февруари годинава е директор на Комисијата за односи со верските заедници во Република Македонија. Во интервју за МИА зборува за одбележувањето на 1000- годишнината од Охридската архиепископија, за барањето до Вселенската патријаршија за помош во решавање на прашањето за афтокефалноста на МПЦ – ОА, за Извештајот на Стејт департментот за верски слободи, но и за односите меѓу верските заедници во Македонија.  

Ова е година кога се одбележуваат 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија. Викендов во Охрид беше организирана централната манифестација. Колку Охридската архиепископија значи приближување, но и одалечување на земјите на Балканот и останатиот православен свет?

Милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија е ден на национална радост и гордост. Одбележуваме милениум на духовна сувереност и егзистенција. Охридската архиепископија своевремено како една од помесните православни цркви имала голема диацеза, во чии рамки влегувале и епархии кои денес се дел од други помесни православни цркви. Бидејќи во црквата сме членови според нашата вера, а не етникум, ова е јубилеј што има значење за сите верници од Балканот. Особено е важно да се истакне дека македонскиот народ е оној кој ја возобновил Охридската архиепископија, години по нејзиното неканонско укинување во 1762 година, во лицето на денешната современа Македонска православна црква. На Балканот постојат и помесни православни цркви кои се создадени од Пеќката патријаршија и од Трновската патријаршија, а како што кажав и тие треба да се радост за македонскиот народ бидејќи црквата е, односно треба да биде наднационална.

Имаше забелешки за неприсуството на манифестацијата на претставници од другите православни цркви, на пример Бугарската православна црква. Зошто тие не присуствуваа на свеченоста?

Познато е во јавноста дека како добри домаќини од Македонија беа испратени срдечни покани до повеќе авторитети. Зошто отсуствува присуството е прашање кое треба да се адресира кај нив. Ќе беше убаво доколку се направеше храбар и пријателски исчекор како пред некое време во Рим, кога двете држави се поклонија пред сесловенските просветители. Но, никогаш не е доцна. Ме радува што балканските народи меѓу себе ги подобруваат односите, присутна е позитивна тенденција.

Како го коментирате оспорувањето на афтокефалноста на Македонската православна црква – ОА?

Македонската православна црква е жива црква. Од нејзиното возобновување до сега, таа има постигнато евидентен успех, кој можете да го забележите по бројните оживеани манастирски братства и сестринства, по многуте возобновени и реконструирани сакрални објекти, по многубројниот верен народ како во татковината така и надвор од неа. Реалноста е таква. Понекогаш формалното признавање од некого за нешто што е реалност е ирелевантно. Сметам дека црквата треба посветено да си работи затоа што е признаена од сопствениот народ. Дали реален проблем има оној кој не е признаен или оној кој одлучува дали ќе признае некого е дискутабилно…

Премиерот Зоран Заев пред еден месец испратил писмо до Вселенската патријаршија во кое, како што беше објавено, побарал помош и поддршка за решавање на прашањето за афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Вселенскиот патријарх, според медиумските објави, во одговорот на писмото посочил дека прашањето ќе биде разгледано и дека ќе се преземе се што е потребно за враќање на црквата на Скопје во каконски рамки под името Охридска архиепископија. Како го коментирате ваквиот одговор од страна на Вселенската патријаршија, но и информациите дека се бара признавање на афтокефалноста на МПЦ под името Охридска архиепископија?  

Прво, ги осудувам обидите да се спинуваат информациите во јавниот простор. Претседателот на Владата побарал вселенскиот патријарх да се заложи за решавање на несогласувањата околу статусот на Македонската православна црква. Од друга страна, Македонската православна црква од своја страна испратила исто такво барање во кое бара православната екумена да ја увиди реалноста и формално преку томос истата да ја потврди. МПЦ-ОА остана јасно на ставот дека воопшто не барале ниту прифаќаат откажување од зборот Македонија, туку само признавање на Македонската православна црква, како и нејзиното еклисиолошко име Охридска архиепископија, согласно канонското право и православната традиција. Македонската црква е духовна заедница на македонскиот православен народ.

По доаѓањето на чело на Комисијата за односи со верски заедници најавивте новини во меѓуверската комуникација во земјата. Што подразбира тоа? Какви активности имате во таа насока?

Точно така. Јас сметам дека општеството веќе ни е доволно зрело за да отпочне едно ново поглавје во меѓуконфесионалниот живот. Првата цел што треба да ја постигнеме е да разговараме отворено за прашањата кои што ги загрижуваат одреден дел од граѓаните. Живееме во држава која е мултикултурна, мултиетничка, а и мултиконфесионална. Доколку површно ги ставаме проблемите под теписон, кога тогаш ќе се сопнеме од истите. Комисијата за односи со верските заедници е органот кој треба да се грижи за хармонизирање на меѓуверските односи и потреби во државата. Во следниот период ќе започнеме со формирање на неформални совети во единиците на локалната самоуправа, на кои граѓаните, локалните власти и верските заедници ќе можат отворено да ги кажат проблемите кои им создаваат непријатност во секојдневието, а се од оваа чувствителна сфера. Кога веќе еднаш ќе ги детектираме сите такви прашања, ќе бидеме чекор поблиску кон заедничко надминување на истите, а се во рамки на позитивно правните прописи на државата.

Македонија е мултиетничка и мултиконфесионална држава. Како ги оценувате односите меѓу верските заедници? 

Сметам дека верските заедници во Македонија имаат меѓусебно коректни односи. Сите верски лидери мора да бидат свесни за сопствениот кохезивен потенцијал во општеството. Многу е важно и врз младите генерации да се пренесе позитивен начин на гледање на различноста согласно припадностите во државата.

Како ги коментирате наодите од последниот извештај на Стејт департментот за верските разлики во Македонија? (Нерегистрирањето на црквата на Вранишковски, поплаки на ИВЗ за блокирање изградби на џамии, блокирање на одлука за изградба на православна црква во Белица, струшко, и неизградба на пристапен пат до црква во Тетово)

Република Македонија мора да овозможи широка лепеза на верски слободи и права на граѓаните, во согласност со меѓународното и домашното важечко право. Сите случаи на кој се осврнува извештајот треба сериозно да се разгледаат и елборираат. Често се отвораат проблеми околу изградба на верските храмови, само затоа што долго време поединци храмовите ги доживуваат како знамиња, односно маркации на етничка територија. Сакралните објекти се храмови за принесување молитви и вршење верски обреди. Во мојот роден град Тетово реална е потребата од нова црква после толку векови, а не е реална потребата на толку голем број на цркви, иако сите се прекрасни во општина Аеродром. Од случај до случај мораме да пресудуваме објективно. Околу регистрацијата на апликанти кои имаат пресуди од меѓународниот суд, постапката е во раце на судот, каде треба да иницираат повторување на постапка, како вонреден правен лек. Сепак еднаш веќе потенцирав, дека Европската конвенција за човекови права дава генерална прокламација за правото за здружување и верско организирање, кое треба пак да се реализира во согласност со домашниот Закон за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група.

Елизабета Вељановска Најдеска

Фото: Ивана Батев 

Слични содржини