Демири: Вакцините немаат никаква врска со аутизмот

од Nikola Popovski

Министерот за здравство, д-р Илир Демири истакна дека вакцинацијата е најголемото достигнување. Тој информираше дека со самото прогласување на епидемија на голема кашлица, на територија на градот Скопје досега вакцинирани се повеќе од 22 илјади лица.

Во емисијата „10 минути“, тој посочил дека вакциналните пунктови работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца, гарантирајќи дека вакцините немаат никаква врска со аутизмот.

Во однос на функционирањето на здравствениот систем, Демири рече дека има потреба од регионализација. Тој изјави дека доколку му е дадена можноста да продолжи да ја извршува позицијата министер за здравство по изборите, ќе се труди за формирање на регионални центри во Битола, Штип, Куманово и Тетово. Со ова, пациентите ќе добиваат здравствена услуга најблиску до местото на живеење. Како пример за регионален центар ја посочи Клиничката болница Тетово каде што работел на оваа идеја пред да стане министер.

Министерството за здравство апелира до родителите да ги вакцинираат децата, бидејќи само вакцинацијата е најефикасната одбрана од голема кашлица. Министерството ја нагласува важноста од имунизација на децата и ги повикува родителите да му дадат приоритет на здравјето на нивните деца, придржувајќи се до препорачаните протоколи за вакцинација.

Родителите кои ќе одбијат да ги вакцинираат своите деца може да се соочат со казни од 300 до 650 евра.

Слични содржини