Демократите би можеле да му го загорчат животот на Трамп

од Vlatko K

 

 

Избирачките места се затворени, а со тоа завршија и изборите за Конгресот на САД. Резултатите покажаа дека републиканците победија во Сенатот, а демократите освоија мнозинство во Претставничкиот дом.

Овие избори за Конгресот на САД ги наелектризираа Американците како ниту едни досега. Созјузните држави информираа за рекордна излезност, а на некои гласачки места луѓето со часови стоеја во редови за да го дадат својот глас.

Во голем број изборни единици трката меѓу кандидатите беше неизвесна. Посебно внимание привлече Претствничкиот дом во кој Демократската партија обезбеди мнозинство.

– Постигнавме историска победа. Ова не е победа за нашата партија, туку за вредните американски семејства. Ова е победа за нашата земја. Таа ја претставува моќта на нашиот Устав. Победата е чест за мажите и жените во униформи и чест за амбициите на нашите деца, изјави демократската претставничка Ненси Пелоси.

Пелоси сака да го преземе местото претседателка на Претставничкиот дом. Во тој случај таа би била важен опонент на американскиот претседател Доналд Трамп.

Републиканецот Чарлс Кинг Малори, кој долги години беше шеф на Институтот „Аспен“ во Берлин, смета дека мнозинството што го освоија демократите би можело да му го загорчи животот на Трамп.

– Ако на пример нив не им се допадне надворешната политика на Трамп. Претставничкиот дом едноставно може да го блокира финансирањето, како што беше во времето на Роналд Реган во 80-тите години на минатиот век. Според еден речиси непознат Закон од 20-тите години на минатиот век, тие имаат право да ја побараат даночната пријава на претседателот. Имаат право и да покренуваат истраги. А тоа во овој случај би било многу непријатно за господинот Трамп, вели Кинг Малори.

Мнозинство на Трамп во Сенатот

Трамп токму тоа сака и да го спречи. Поради тоа сите сили ги употреби во изборната борба на неговите републиканци, а демократите ги оквалификува како опасност за земјата.

Главна мотивација на бирачите беше да се поддржи или да се ослаби Трамп.

Една избирачка ваквиот став го формулираше во следната изјава: „Не можам да го поднесам неговиот став кон правата на жените. Гласав за карактер, а тој нема карактер“. Други гласачи, оние што го поддржуваат Трамп, пак, велат: „Се обидуваме да ги поправиме работите во Вашингтон“.

Како и да е, претседателот Трамп и неговите републиканци успеаја. Освоија мнозинство во Сенатот. Демократите изгубија важни места во Сенатот, како оние во Северна Дакота и Индијана.

– Ние конзервативците, предводени од претседателот Трамп, мораме да докажеме дека нашиот начин на размислување функционира и тоа што функционира во Индијана ќе функционира и во остатокот на Америка. Мислам дека можеме да сториме многу работи, изјави новоизбраниот сенатор од Индијана, Мајк Браун.

Сега се поставува прашањето што ќе направат двете партии со овие свои успеси. Со мнозинството во Сенатот, претседателот Трамп може и понатаму да ги спроведува своите политички цели како што е на пример именувањето на конзервативни судии во сојузните судови.

За сето друго, тој ќе мора да разговара со демократите, што го отвора прашањето колку двете партии се подготвени на компромиси по жестоката и поларизирана кампања./МИА

Дојче Веле – Бон

Слични содржини