Џафери за МИА: ДИК секако ќе се формира, Договорот со Грција во Службен весник пред распишување на референдумот

од desk4

 Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА изразува надеж дека лидерите на политичките партии ќе постигнат договор на претстојната средба во недела навечер или во понеделник и оти нема да биде никаков проблем тоа што е договорено Собранието да се спроведе и до крајот на месецот.

Во спротивно, вели тој, ќе продолжи процедурата за носење на измените на Изборниот законик со кои се предвидува со мнозинство гласови да се избира составот на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го спроведе референдумот за името.

– Во спротивно, што не посакувам, процедурата што е започната може да се доведе до крај затоа што нема инструменти за попречување освен ако не мислиме на онаа навика кога ќе треба законот да се носи на потпис кај претседателот на државата па тој да одлучи исто како за двата претходни закони. Тоа веќе е еден од инструментите за попречување, вели Џафери.

Претседателот на Собранието посочува дека за Парламентот нема последен рок за распишување на референдумот бидејќи се уште нема определно датум за негово одржување.

– Затоа не сме оптеретени стриктно да кажеме 30 јули, 31 јули или 1 август ни е последниот рок. Битно е да се определи рамката во која што се сака да се одржи референдумот и врз база на тоа да се поднесе предлог-одлука до Собранието, вели претседателот на Парламентот додавајќи дека во тој случај би можело да се свика и итна пленарна седница во кој било ден од неделата.

Џафери исто така во интервјуто најавува дека Законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за јазиците ќе бидат испратени во Службен весник пред да го распише референдумот за името. Според Џафери тоа би било логично затоа што, како што вели, што би било предмет на референдумот тогаш.

Во продолжение го објавуваме во целост интервјуто со претседателот на Собранието Талат Џафери:

Лидерската средба ќе продолжи во недела навечер или во понеделник. Од разговорите меѓу политичките партии зависат многу натамошни чекори, како на пример, изборот на Државната изборна комисија, носење на одредени закони во Собранието, а потоа и реализација на сите активности поврзани со референдумот за името. Оптимист ли сте дали партиите ќе изнајдат соодветен договор како резултат на овие разговори кои се очекува да завршат на почетокот на следната недела?

– Во однос на случувањата сум кажал и претходно политичките партии се тие кои иницираа измени на Изборниот законик во делот на методологијата на изборот на ДИК по колективната оставка на претходниот состав. Уште тогаш кога почнаа колективните оставки, под ваков или под онаков притисок, без оглед од кои причини, укажав на можноста за парализирање на сите институции затоа што никаде во светот не може да се има колективно откажување и колективно избирање нови состави, ако се имаат во предвид општите процедури укажував и укажувам, пак, политичките одлуки се едни, соодветните процедури за спроведување на такви одлуки се поинакви и затоа кога се разговара за определени прашања однапред треба да се предвидат и процедурите во кои чекори и во која временска рамка ќе се реализира таа процедура. Претходно, политичките партии се договорија да го изменат Изборниот законик и определиле рок во кој тоа ќе го спроведат консензуално и откако се заврши таа процедура почнуваат нови однесувања, нови калкулации во однос на можностите, и фактот што е работата доведена во теснец во однос на роковите, пропишани, кои сами впрочем ги пропишаа партиите. Јас сепак се надевам дека и покрај сите можеби легитимни барања кои во такви ситуации сите партии ќе ги стават на маса очекувам да рефлектираат сите, а посебно опозицијата, имајќи предвид дека по нивно барање беше сменет Изборниот законик и се врати првичната методологија на избор на ДИК со поддршка на политичките партии по што консензуално се распиша конкурс за избор на членови на ДИК и тоа треба да се доведе до крај. Сите се одговорни пред овој историски моментум кога првично треба да се решаваат работи кои се во интерес на граѓаните воопшто и на државата отколку внатрепартиската потреба. Јас ги претпочитувам и внатрепартиските потреби што ги имаат сите политички партии што се претставени во Парламентот, но во секој случај очекувам дека ќе се издигнат над себе сите за да можат консензуално да излезат со комплетно и навремено решение за да се испочитуваат сите натамошни фази до крај. Впрочем, сите се изјаснија дека се за, дека се подготвени да излезат на референдум за определени прашања и ако веќе е таква определбата да се оди на референдум. Со вакви постапки самите политички партии што се изјаснија за референдум и за потребата индиректно се ставаат како попречувачи на можноста граѓаните да се здобијат со ситуација да се изјаснат по однос на прашањето што не очекува. Во секој случај работата оди до таму што сите треба да размислиме за она што е иднината на државата и на статусот на граѓаните и во тој контекст јас разбирам дека се уште сме во почетна фаза на имплементација на она што е договор за што три децении, генерации и генерации и политичари и граѓани и интелектуалци, работеле да се дојде до соодветно прифатливо решение. Се разбира, дека има и различни мислења, но тоа е во доменот на правото на различно мислење, но на крајот треба да се овозможи мнозинството тоа да си го покаже со изразување на референдум и со тоа потоа да поминеме на наредната фаза што треба да ја спроведеме за да може да се заокружи целиот интегративен процес за НАТО и за ЕУ.

Додека го водиме овој разговор, во Собранието се одржува седница на Комисијата за европски прашања на чиј дневен ред се измените на Изборниот законик. Дали одржувањето на оваа седница на ваков начин, од една страна закажувањето од страна на г. Артан Груби и од друга страна на поднесувањето на 400-ини амандмани од опозицијата значи една, условно да кажам „борба“ меѓу владејачките партии и опозицијата во смисла на разговорите што ги водат политичките партии, да се изврши своевиден притисок или да се одговори на тој притисок?

– Јас не би рекол дека тоа е обид за притисок врз некого. Тоа би било лошо ако се подразбира така целата таа ситуација. Работата е во тоа што ако консензуално се измени Законот, и се остави инструмент двотретинско гласање за членовите на ДИК, институцијата Собрание е доведена во цајтнот во смисла на обврските што ги има. Самата институција Парламент го објавила огласот за пријавување на членови на ДИК и Парламентот треба да си ја спроведе својата одлука, а предочени со фактот да ја доведеме ситуацијата до избор и до гласање, со потребата од двотретинско мнозинство ние сме блокирани како Собрание. Јас сум кажал дека ќе направам се во рамки на она што е закон и Устав, институцијата да не биде блокирана. Еден од тие чекори за да не биде институцијата блокирана што е превземен е чекорот да се оди со измени на Изборниот законик во тој дел за начинот на гласање на ДИК во ситуација кога една од политичките партии отстапува од консензусот што го имавме претходно. Тоа не значи дека Собранието и јас ќе седиме со скрстени раце и ќе чекаме што ќе се случува. Тоа значи дека проактивно ќе ја следиме ситуацијата. Процедурите овозможуваат додека трае дебатата во однос на предлогот, доколку во меѓувреме има каков било договор консензуален од политичките партии, нема никаква пречка предлагачот да се повлече од предлогот во секој момент. Во секој случај тоа е и заштитна ситуација на институцијата Парламент за да може својата волја како мнозинство да ја доведе до крај. Затоа постои мнозинство и опозиција, за да можат да комуницираат, за да можат да дебатираат, но во крајна истанца ако се нема консензус за одредени прашања, а се од интерес на државата и на граѓаните, тогаш мнозинството тоа треба да го спроведе, но не како сила, туку како потреба. И во тој контекст се надевам дека граѓаните ќе ме разберат. Ова не е за да покажеме мускули затоа што дадовме соодветно време на сите да рефлектираат по однос на потребата и во ситуација кога се гледа дека нема излезно решение за тоа Собранието е надлежно да носи соодветни закони за да може да има соодветни излезни решенија за сите проблеми коишто се појавуваат.

Кој е последниот датум за распишување на референдумот имајќи го предвид она што како временска рамка си го постави Владата тој да се одржи на крајот на септември или на почетокот на октомври и дали Собранието ќе стаса во вакви услови да одговори на тие временски потреби за да се стаса до јануари, кога финално треба Договорот со Грција да се ратификува во грчкиот Парламент?

– Во секој случај постои временска рамка која може да се исполни по однос на она што произлегува со обврските од Спогодбата и поканата што ја добивме за НАТО и за ЕУ. Датум не може да се определи претходно врзан за одлука. Може да се оди во два правци – формално да се определи датум – Владата да каже посакуваме референдумот да биде на тој ден и тогаш процедурално е обврска на Собранието при донесување одлука формално за одржување на референдум ние треба да обезбедиме 60 дена од одлуката до спроведување на референдумот, максимум 90 дена. Што значи не би било проблем да се донесе одлука сега, но формално ако се донесе до крајот на месецов одлука тогаш во рамки од тој ден во рамки од 90 дена, максимум последниот 90-иот ден да се одржи референдумот би било во рамки на Уставот и Законот. И во тој контекст нема никаков проблем за навремено да се донесат сите потребни акти и документи, но за тоа да се донесе потребно е претходно да се има ДИК затоа што во моментот кога се донесува одлука за референдум или за избори, ДИК е таа што треба да ја прими одлуката и оттогаш почнуваат роковите на ДИК за референдумот. Значи, Парламентот не е оптоварен со временска рамка затоа што секако ќе води сметка да биде во рамки на 60 минимум, максимум 90 дена.

Кој е последниот рок за распишување на референдумот?

– За да кажам кој е последниот датум за Парламентот треба да имам определена дата кога сакаат да биде референдумот, бидејќи нема определено датум, затоа Собранието нема рок. А кога ќе се бара да се донесе одлука тогаш Владата треба да биде во рамки од минимум 60 дена затоа што не може да определи датум за референдум пред 60 дена од денот на донесувањето на одлуката и максимум 90 дена. Затоа не сме стриктно оптоварени да кажеме 30 јули, 31 јули или 1 август ни е последниот рок. Нема последен рок во таа смисла. Битно е да се определи рамката во која што се сака да се одржи референдумот и врз база на тоа да се поднесе предлог-одлука до Собранието, а имајќи ја предвид итноста Собранието не би се свикало во рамки на 10 дена, туку има законска можност и во пократок рок од 10 дена како итен случај да се свика седница за да се донесе оваа одлука.

Доколку има некаков исход од разговорите меѓу политичките партии, но и да нема, имајќи предвид дека секако ќе се формира ДИК, дали може да очекуваме во текот на следната недела некаков развој во смисла на тоа да се знае кога би бил референдумот, кога би се распишал… во јавноста веќе се шпекулира со одредени датуми.

– Ако се има предвид резултатот од разговорите во текот на вчерашниот ден, лидерите на политичките партии се изјаснија дека не подоцна од недела, односно понеделник ќе се состанат уште еднаш, јас се надевам дека сите ќе рефлектираат во однос на потребата, на итноста, на сериозноста на работата и на последиците доколку тоа не се направи навремено… Да имаме соодветна информација дека е постигнато она што треба да се постигне меѓу политичките партии и не е никаков проблем тоа да се спроведе и до крајот на месецот во кој било ден по евентуален договор на политичките партии. Во тој контекст процедурално Собранието нема никаков проблем затоа што може да се свика седница и во сабота и во недела и претпладне и попладне и навечер. Во спротивно, што не посакувам, процедурата што е започната може да се доведе до крај затоа што нема инструменти за попречување освен ако не мислиме на онаа навика кога ќе треба законот да се носи на потпис кај претседателот на државата па тој да одлучи исто како за двата претходни закони. Тоа веќе е еден од инструментите за попречување. Друга можност или причина нема.

Се уште ли ќе се чека на испраќање на Законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за јазиците во службен весник? 

– Јас веќе кажав дека ние не можеме да се однесуваме изолирано во некои одлуки што ги носиме  или што ќе ги донесеме. Јас лично како претседател на Собранието и Собранието како целина водиме сметка, и водам сметка, за она што е општа состојба и во никој случај не сакам за некого да бидам аргумент поради моето однесување или одлучување, а тоа да се искористи како аргумент, но ја следам состојбата целосно и во контекс на она што би било најповолно за општата клима и во државата и воопшто во случувањата во регионот. Би се одлучило во корист на она што овозможува да се спроведуваат сите активности на Собранието и на институциите, што впрочем граѓаните го очекуваат тоа како право, а необјавувањето на Законот за ратификација е една од пречките за одржување на референдумот. Ако Законот не влегол во сила како тогаш и која е смислата на одржувањето на референдумот. Иако Законот е донесен во Собранието се смета дека е жив тогаш кога ќе се објави. Од таа причина водам една целосна кампања со сите институции за да биде тоа искоординирано меѓу институциите, а не како сила кон институциите други како парламент.

Вашиот одговор наметнува логично прашање дали тоа значи дека Законот за ратификација на Договорот со Грција ќе го испратите во Службен весник пред да го распишете референдумот?

– Па би било логично затоа што би било предмет на референдумот. Од формално правен аспект  иако Законот е донесен тој не е жив додека не се објави.

Тоа значи дека тоа би било во текот на следната недела или во следните две недели?

Знаете јас никогаш не зборувам фиксно со денови, со датуми, затоа што тоа се процедури и одлуки, не е работа која што зависи персонално само од мене. Тоа е зависна работа од институционалното делување.

Елизабета Вељаноска Најдеска

Фото: Фросина Насковиќ

Слични содржини