ДНК од древни Европејци го открила запрепастувачкото потекло на тешка автоимуна болест

од Stefanija Kuzmanovska

Новите сознанија покажуваат дека генетските карактеристики може да се променат од корисни во штетни како што се менуваат животните услови.

Примероците на ДНК од коските и забите на древни Европејци кои живееле пред околу 34.000 години покажаа дека генетските варијанти кои сега го зголемуваат ризикот од развој на мултиплекс склероза (МС) некогаш ги штителе луѓето од болести кои ги пренесувале животните. Научниците го открија ова со испитување на примероци од ДНК од 1.664 луѓе од древни места во Западна Европа и Азија.

Тие ги споредија древните геноми со современите извори на ДНК од британската Биобанка, која содржи примероци од околу 410.000 бели Британци и повеќе од 24.000 луѓе родени надвор од Велика Британија, за да ги утврдат промените кои се случиле со текот на времето.

Едно извонредно откритие ја вклучува МС, хронично заболување на мозокот и ‘рбетниот мозок за кое се смета дека е автоимуно.

Научниците утврдиле дека пред околу 5.000 години, на почетокот на бронзеното доба, имало значителна миграција на луѓе. Сточарите на народот Јамнаја се преселиле во Западна Европа од територијата на денешна Украина и јужна Русија.

Тие имале генетски карактеристики кои им биле корисни во тоа време, заштитувајќи ги од инфекции кај овците и говедата. Како што санитарните услови се подобрувале во текот на милениумите, истите овие генетски варијанти го зголемувале ризикот од развој на МС.

Ова може да објасни зошто луѓето во Северна Европа имаат највисока преваленца на МС, двапати повеќе од Јужна Европа.

„Ние сме резултат на еволуцијата која се случила во минатите средини и на многу начини не сме оптимално прилагодени на средината што ја создадовме за себе денес“, навел генетичарот од Беркли, Расмус Нилсен, еден од водачите на студијата, чии резултати беа објавени во средата во списанието Nature.

Пред околу 11.000 години, земјоделците од денешна Турција дојдоа во Западна Европа и ги заменија ловците-собирачи. Тие подоцна беа заменети со луѓе од Јамнаја.

„Јамнаите биле првите вистински европски номади. Со припитомени говеда и коњи стигнале во азиската степа каде има малку храна и вода, па на колички носеле сè со себе. Физички, тие биле невообичаено големи, како што можете да видите од нивните скелети и генетика, а исто така се чини дека биле прилични насилни“, вели Вилијам Бери, генетичар од Кембриџ кој учествувал во студијата.

„Мислам дека населението во голема мера било заменето со војни“, додаде тој.

Голем процент од потомците на Јамнаите постојат во северна Европа, главно во Ирска, Исланд, Норвешка и Шведска и истиот опаѓа додека одите на југ.

„Патогените инфекции станаа почести за време на бронзеното доба поради блиската коегзистенција на луѓето и домашните животни и зголемувањето на густината на населението“, вели Еван Ирвинг-Пиз, експерт за пресметковна еволутивна биологија на Универзитетот во Копенхаген.

„Тие генетски варијанти станаа непотребни за нашите имунолошки потреби само во модерното време, со подобра санитација и здравствена заштита, што резултира со зголемен ризик од развој на МС и други автоимуни болести“, додаде тој.

„Ова го менува нашето разбирање за МС, помагајќи ни да го разбереме нејзиното потекло. Можеме да ја замислиме  МС како резултат на имунолошкиот систем кој еволуирал ефикасно за да се справи со низа инфекции во минатото, а сега преовладува различна средина. Оваа разлика помеѓу минатите и модерните санитарни услови веројатно предизвикува хиперактивен имунолошки систем. Тоа значи дека треба да работиме на повторно подесување на имунолошкиот систем, а не да го потиснуваме“, вели Бери.

Истражувањето фрли светлина и врз други карактеристики на Европејците.

Јамнаите биле генетски високи, така што денешните луѓе на северот на Европа се повисоки отколку на југот, каде што има висок процент на потомци на земјоделците од неолитот кои биле краткотрајни.

Луѓето од Источна Европа имаат зголемен генетски ризик за развој на Алцхајмерова болест и дијабетес тип 2, открија научниците. Тие исто така откриле дека толеранцијата на лактоза се појавила во Европа пред околу 6.000 години.

Слични содржини