ДС: Извештајот на ЕК е реален одраз дека нема напредок во клучните области

од Nikola Popovski

Демократскиот сојуз оценува дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е реален одраз на состојбите во државата и поради тоа што нема напредок во клучните области, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сметаат дека Владата треба веднаш да поднесе оставка.

-Демократскиот сојуз долго време укажува на загрижувачките состојби со високиот степен на криминализација, партизацијата на државната администрација и лошите состојби во судскиот систем и владеењето на правото, како и на застојот во реформите во сите области, вклучително и на потребата од коренити реформи на изборните правила како основа за промени и демократизација на државата.

Повеќе од 18 месеци ДУИ и СДСМ ја замајуваа јавноста со уставни измени, но ЕУ покажа дека оваа власт не направи ништо за напредок на Македонија кон стандардите на ЕУ, да ја подготви државата за отворање на преговарачките кластери и за воспоставување на фундаментите за владеење на правото, велат од партијата на Павле Трајанов.

Според партијата, со прифаќање на барањата на Бугарија во преговарачката рамка дополнитено ги блокираа евроинтеграциските процеси и ги загрозија нашите национални и стратешки интереси.

-Оценките и насоките од ЕУ оваа Влада ниту може ниту сака да ги разбере, уште помалку да направи исчекор напред, поради што бараме оставка од Владата во целина и посебно одговорност од министрите за надворешни работи и за евроинтеграции. Состојбите се критични и мора да има одговорност и промени, сметаат од ДС.

Слични содржини