ДС: Престојот на Груевски во Унгарија не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање

од Nikola Popovski

Натамошниот престој на Никола Груевски во Унгарија, наспроти изјавата на Бујар Османи, не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање во Македонија и заштита на нашите национални интереси, велат од партијата Демократски сојуз.

Од опозициската партија порачуваат дека „со политички азил за слободен престој и после 5 години живеење во Унгарија, сега да ја штитите државата од Груевски е апсолутно неприфатливо и не е здраво за државата“.

-Тоа може да се разбере единствено како алиби за можните следни чекори на ДУИ и СДСМ и скриени намери за негова амнестија заради партиско политички цели. Инаку, има и други бегства од Македонија, меѓу кои и она на двајца припадници на контраразузнуваењето, кои и натаму се во Грција, а располагаат со класифицирани информации од висок степен, но Османи не е заинтересиран за нив, ниту пак за други бегалци од правдата. Во суштина, Османи му прави лоша услуга на Груевски, со тоа што наводно преку неговото враќање ќе ги заштити интересите на Македонија

За да продава информации на странските служби, мала улога игра тоа дали некој е овде, во Македонија или е во странство. Тоа пред сѐ зависи од цврстината на неговиот карактер и лојалноста кон својот народ и држава, истакнуваат од партијата на Павле Трајанов.

Додаваат дека со оваа изјава на Османи се отвораат други прашања, „вклучително и тоа дали има некој од државниот и политичкиот врв кој со своите активности ја загрозува националната безбедност на Македонија и работи на рушење на темелите на државата преку распродавање на македонскиот национален идентитет и историја“.

Слични содржини