ЕУ со најголема поддршка за инфраструктурни проекти – поврзувањето клучно на патот кон Унијата

од Nikola Popovski

Членството во Европската Унија за Македонија ќе значи и инфраструктурна преродба. Како до сега, така и во иднина, ЕУ би била предводник и би имала клучна улога во поттикнувањето на овој развој, нудејќи притоа поддршка и ресурси за подобрување на поврзаноста на земјата.

ЕУ нуди програми за подобрување на инфраструктурата!

Македонија би добила пристап до разни програми кои се прилагодени за подобрување на инфраструктурата. Членството би ги отворило вратите за земјата да се интегрира во пошироките регионални мрежи, што пак би го олеснило прекуграничното поврзување и протокот на стоки и луѓе. Проектите финансирани со европски пари се фокусираат, пред сè, на надградба на патиштата и железницата притоа усогласувајќи ги со европските стандарди.

До овој момент според официјалните податоци објавени на сајтот euprojects.mk вкупната финансиска помош која нашата држава ја има добиено од ЕУ, од стекнувањето на статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ досега, е во износ од над 1,2 милијарди евра. Според областите, транспортот и инфраструктурата се издвојуваат со најголем удел во овие средства, односно 223 милиони евра за проекти во овие сектори.

Влезот во ЕУ ќе ја подобри регионалната поврзаност!

По интеграцијата во ЕУ, за новите земји-членки, вклучително и за Македонија по нејзиното полноправно членство ќе станат достапни структурните фондови преку кои се финансираат инфраструктурните проекти. Во суштина овие фондови имаат за цел ги намалат развојните разлики меѓу регионите во земјите-членки на ЕУ и да промовираат еднакви можности за сите.

Инвестициите во инфраструктурата, покрај тоа што ќе ја подобрат поврзаноста, ќе дејствуваат и како катализатор за економскиот раст на земјата. Влезот во ЕУ би ја поттикнал и соработката со соседните држави, односно Македонија би се вклучила во прекугранични иницијативи, заеднички развивајќи инфраструктурни проекти, кои би ја зголемиле поврзаноста и протокот на стоки и услуги.

Во таа насока, подобрувањето на транспортната инфраструктура особено на Паневропските коридори 10 и 8, кои се и главните транспортни артерии кои поминуваат низ македонска територија покрај национално значење, имаат големо регионално, но и европско значење.

ЕУ ја трансформираше европската инфраструктура!

Трансевропската транспортна мрежа е доказ за посветеноста на ЕУ за изградба на ефикасна патна мрежа. Одличен пример е Рајна-Алпи коридорот, кој го поврзува пристаништето Ротердам во Холандија со пристаништата Џенова и Ла Специја во Италија. Овој коридор, финансиран од ЕУ, доведе до модернизација на железничките и патните врски, намалување на времето на патување и зајакнување на товарниот и патничкиот транспорт.

Проектот „Виа Балтика“ пак, финансиран од фондот „Поврзување на Европа“ беше клучен за подобрување на поврзаноста меѓу балтичките земји. Овој проект за автопат, кој се протега од Варшава, Полска до Талин, Естонија, не само што го олеснува патувањето, туку и ја поттикнува економската соработка и трговијата меѓу Литванија, Латвија и Естонија.

Од соседството пак, Хрватскиот експресен пат Е65, нам познат и како „Јадранска магистрала“ поддржан од европско финансирање, има клучна улога во зајакнувањето на поврзувањето долж јадранскиот брег. Проектот не само што ги подобрува транспортните врски, туку и ги поттикнува туризмот и економските активности во регионот.

Членството во ЕУ, не е само бирократски процес, тоа е и посветеност кон заеднички вредности, раст и просперитетна иднина. Македонија е на пат кон трансформативни промени, а поддршката од Европската Унија и преку членството, но и преку посветено европско финансирање, не само што ќе се формираат нови артерии за проток на стоки и услуги, туку и ќе се олесни поврзаноста на луѓето, а дополнително ќе се развие и туризмот.

Слични содржини