„Фајненс тинк“: Стимулирањето на населението за да се вакцинира ќе придонесе до побрзо ослободување на економијата

од Берта Китинска

Стимулирањето на населението да се вакцинира со позитивни мерки ќе придонесе до побрзо ослободување на економијата и индиректно ќе се одрази врз фискалните капацитети на државата. Земјите од соседството веќе имаа такви стимулативни мерки преку вредносни ваучери, па слични такви можат да се воведат и во Северна Македонија, вели во разговор за „Локално“ , Бојан Србиноски од „Фајненс тинк“ .

-Целта на нашата анализа која беше спроведена е да се обезбеди проценка на директниот трошок на невакцинирањето односно колку заштедила државата со достигнатото ниво на вакцинација во досегашниот период. Но, мора да се има во предвид и индиректниот трошок на невакцинирањето, кој веројатно е далеку поголем од директниот. Замислете сценарио каде никој не е вакциниран. Се’ уште ќе имаше карантини и порестриктивни мерки, голем дел од фирмите ќе работеа во уште поголеми тешкотии, државата ќе имаше потешкотии во прибирање даноци итн. Долгорочниот економски ефект од вакцинацијата (директен и индиректен) создава значајна заштеда и креаторите на политиките треба и веројатно се свесни за тоа. Затоа, стимулирањето на населението да се вакцинира со позитивни мерки ќе придонесе до побрзо ослободување на економијата и индиректно ќе се одрази врз фискалните капацитети на државата. На пример, земјите од соседството веќе имаа такви стимулативни мерки преку вредносни ваучери, па слични такви можат да се воведат и во Северна Македонија, објаснува Србиноски .

Според него стимулирањето на вакцинација преку рестриктивни мерки во голема мера е веќе исцрпено и затоа тие препорачувааат позитивни мерки за поттик на поголема имунизација.

-Тоа не значи дека тие рестриктивни мерки не треба да постојат, туку да бидат надополнети со позитивни стимулативни мерки со цел поголем опфат на населението со вакцинација. Во поглед на мерката која условува влез во затворени простори со вакцинација, сметаме дека дополнителна штета би имале бизнисите на местата каде инспекциските капацитети се повисоки, додека на местата каде инспекциските капацитети се ниски, воведувањето на оваа мерка или нова рестриктивна мерка, ќе има мал или воопшто ќе нема ефект. Затоа, мора да се има во предвид дисторзијата која се креира на пазарот при воведување рестриктивни мерки во случај на недоволни капацитети за спроведување на истите, смета тој.

На прашањето дали доколку постоеше едно вакво ветување во изборната кампања можеби одредени политички партии би добиле повеќе гласови , од „Фајненс тинк“ објаснуваат дека вакцинацијата е надовор од политичката дебата бидејќи има подделеност меѓу населението во поглед на вакцинацијата.

-Со оглед дека се работи за локални избори и постои поделеност меѓу населението во поглед на вакцинацијата, дискусијата за вакцинацијата, очекувано, е надвор од политичката дебата на овие избори. Затоа не постојат никакви ветувања во овој контекст, велат од независниот и непрофитен институт за економски истражувања и политики.

Б.М.

Слични содржини