Габриел: Бугарија нема билатерален проблем со С.Македонија, мора да се исполнат преземените обврски

од Nikola Popovski

Бугарија нема билатерален проблем со Република Северна Македонија. Бугарија, во име на заедничкиот европски интерес, на РСМ ѝ порачува што значи да се биде членка на Европската Унија. Ова го изјавила бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел на состанокот на тамошната собраниска комисија за надворешна политика, прашана за европскиот пат на Македонија.

Габриел посочила дека условите кон нашата земја не се само уставните измени, туку и почитување на Договорот за пријателство и добрососедство и двата протоколи.

-Имаме три меѓусебно поврзани инструменти и многу јасен став на Националното собрание, потенцирала Габриел пред присутните.

Според неа, важно е бугарската земја да го види напредокот во другите насоки доколку има потешкотии со уставните измени.

-Вицепремиерот изјави дека се одржани два технички состаноци во јули во Софија и во октомври во Скопје, на кои е констатирано дека, за жал, нема напредок. Бугарија има многу јасна позиција пред целата Европска Унија. Ние сме земја-членка и како такви со нашите барања до РСМ порачуваме дека ако сакате да бидете членка на Европската унија мора да ги исполните обврските што самите сте ги презеле, категорична била бугарската министерка, објавува „БТА“.

-Доколку РСМ сака да стане кандидат за членство во ЕУ, планот за заштита на малцинствата е веќе критериум, додала таа. Габриел истакнала дека Бугарија е заинтересирана да биде поддржувач на европската перспектива на Западен Балкан и нагласила дека темата е на европската агенда благодарение на бугарското претседавање со Советот на ЕУ.

-Мора да ја вратиме нашата позиција како лидер во регионот, а за да бидеме лидер мора јасно да го браниме општиот европски интерес, нагласила шефицата на бугарската дипломатија.

Слични содржини