Хан: Уверен сум дека ќе има преговори во јуни

од desk4

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за МИА порача дека верува дека, доколку бидат спроведени реформите, ЕУ во јуни ќе се согласат преговорите да започнат веќе оваа година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Комесарот задолжен за проширувањето во ЕУ уште еднаш го поздрави потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО и решавањето на спорот со Грција како „одлучувачки чекор кон евроатлантската интеграција“ на, како што ја нарече, “идната Северна Македонија“.

-Им аплаудирам на сите инволвирани политички лидери. Ова е уште една историска одлука постигната од лидерството во земјата, интеграцијата во НАТО на идната Северна Македонија ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан и Европа во целост, рече Хан за МИА.

Иако, двата процеси се различни и одвоени, со специфични услови и процедури за секоја од двете организации, за еврокомесарот процесот на ЕУ и НАТО паралелно носат повеќе стабилност и мир и се засновани на истите принципи како владеењето на правото и демократијата.

-Преспанскиот договор, кој го отвори патот кон потпишувањето на НАТО протоколот е, исто така, чекор кон ЕУ интеграцијата, бидејќи нашата стратегија за Западниот Балкан објавена лани ги дефинира помирувањето и добрососедските односи како централни услови на пристапувањето во ЕУ, вели еврокомесарот за проширување и потпретседател на Европската народна партија.

Тој е уверен дека земјите членки во јуни „ќе го препознаат овој огромен успех“.

-Се разбира, треба да има опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон која сега треба да се фокусираат сите напори. Ако историскиот успех од Преспанскиот договор е придружуван од солидни реформи, а колку што гледам Владата напорно работи да го постигне ова, уверен сум дека земјите членки ќе дадат зелено светло за отворање на преговори веќе оваа година. Во прашање е и кредибилитетот на ЕУ, затоа што ако земјите кандидати исполнуваат, тогаш и ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, изјави за МИА комесарот за проширување Јоханес Хан.

Слични содржини