Каевски: Граѓаните избираат меѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад во изолација со ДПМНЕ

од Nikola Popovski

Тие што го блокираа европскиот пат на земјата, тие што спроведуваа активна блокада на Собранието, се повторно на изборнaта листа на ДПМНЕ, обвини денеска портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски. Според него, над 80% се истите пратеници.

-Не се закажуваа седници и не ставаа на дневен ред клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата. Се лупаше и се тропаше во Собранието за да попречи европскиот пат на земјата. Со истите лица на изборната листа Белата палата потврдува дека со ДПМНЕ е можно само враќање назад, рече Каевски, додавајќи дека „изборот пред граѓаните на претстојните избори е помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад во изолација со ДПМНЕ“.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ вчера обедини 24 партии во предизборната коалиција „Твоја Македонија“. И се приклучија и доскорешните партнери на власта. „Обнова за Македонија“ на Љубе Бошковски, „Достоинство“ на Стојанче Ангелов и Демократски сојуз на Павле Трајанов. „Застануваме зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија. Ќе се водиме од принципите на транспарентност и отчетност“, порача лидерот на партијата, Христијан Мицкоски кој повика на масовна излезност на претстојните избори.

Кандидатските листи треба да се достават најдоцна до полноќ на 2-ри април. Два дена подоцна стартува кампањата за претседателските избори.

Слични содржини