Актуелно
Почетна / TOP NEWS / Како градовите низ светот (вклучително и оние во Кина) се борат против загадувањето

Како градовите низ светот (вклучително и оние во Кина) се борат против загадувањето

Поради загадувањето на воздухот во 2015 година во светот починаа 4,2 милиони луѓе, главно во источниот и јужниот дел на Азија. Уште неколку милиони луѓе се разболеле од вдишување загаден воздух.

Причината за загадувањето главно е согорувањето – јаглен во електрани, бензин во автомобилите, хемикалии во индустриското производство и на дрвата во пожарите. Честичките се премногу мали за да бидат видливи со голо око – секоја е околу 35 пати помала од зрно песок – но при високи концентрации создаваат магла, а кога се вдишуваат имаат погубен ефект врз здравјето на луѓето.

Оваа загаденост е наречена ПМ 2,5 затоа што секоја честичка е помала од 2,5 микрони во дијаметар, таа може да навлезе длабоко во белите дробови и крвотокот. Докажано е дека влијае на развој на заболувања на белите дробови и го зголемува ризикот од срцев удар и мозочен удар.

Ова микроскопско загадување исто така е поврзано и со проблеми во развојот на децата и оштетување на когнитивните способности кај постарите лица, како и со предвремено раѓање и мала тежина при раѓање кај новороденчиња.

Кога нивото на загаденост е високо, „не можете да функционирате“, вели Александра Карамбелас, аналитичар за животна средина и истражувачки научник на Универзитетот Колумбија во Њујорк.

– Основно човеково право е да се има пристап до чист воздух.

Регионите во развој и оние што од неодамна се индустријализирани денес се соочуваат со највисоко ниво на загаденост. Но, дури и развиените економии, кои направија големи чекори за намалување на загадувањето, сè уште се борат со квалитетот на воздухот. Во САД, каде што има речиси најчист воздух во светот, фините честички сепак доведоа до 88.000 прерани смртни случаи во 2015 година – што значи дека загадувањето е повеќе смртоносно отколку дијабетесот и грипот.

Пред која било национална влада да донесе одлука за тоа како да се реши проблемот, вели д-р Александра Карамбелас, таа треба подобро да ги разбере причините.

– Дали тоа се лабавите стандарди? Или нивната примена не е соодветна?, вели таа. – Дали нешто се случува на регионално ниво?

Нивото на загаденост исто така варира внатре во еден град, од еден до друг крај на градот, а загадувањето не ги погодува сите групи на население еднакво. Во целиот свет најсиромашните најмногу страдаат.

Пожарите во Калифорнија во 2018 година убија 85 лица и уништија речиси 19.000 згради. Чадот ја покриваше цела северна Калифорнија речиси две недели.

Во Сан Франциско, нивото на загадување достигна речиси 200 микрограми на кубен метар, според непрофитната организација за истражување Беркли ерт (Berkeley Earth). Просечниот квалитет на воздухот 11 дена варираше меѓу „нездраво“ и „многу нездраво“. Училиштата беа затворени, а во сите продавници беа распродадени маските и филтрите за воздух.

Климатските промени доведоа до уште пострашни пожари. Дури и периодичното изложување на високи нивоа на загадување на ПМ 2,5 може да има трајни здравствени последици.

Во ноември, загадувањето во Њу Делхи достигна апокалиптично ниво, град што се бори со слаб квалитет на воздухот во текот на целата година. На денот кога воздухот беше најзагаден, ПM 2,5 го надмина „ризичниот“ лимит и остана опасно висок со недели.

Властите прогласија вонредна состојба, училиштата беа затворени, а на граѓаните им беа дадени заштитни маски.

Стотици летови беа откажани или одложени поради лошата видливост.

Во обид да го исчисти воздухот, Владата привремено ги стопираше сите градежни проекти и го ограничи бројот на автомобили на улиците.

Порастот на нивото на загадување на почетокот од зимата стана „депресивно предвидлив“ во текот на последната деценија, вели Џошуа Апте, научник кој работи на квалитет на воздухот на Универзитетот во Тексас.

Кон крајот на октомври и почетокот на ноември, чадот од земјоделските комбајни со внатрешно согорување во комбинација со градското загадување доведе до создавање на смог. Во исто време, студениот зимски воздух што слегува од Хималаите ги задржува загадените честички на површината, создавајќи појас до земјата. Слична шема на загадување може да се најде и во други градови во северна Индија.

– Нивото на загаденост во овој регион е многу високо за време на зимата, вели д-р Апте. – Дури и кога изгледа дека небото во Делхи е сино, концентрацијата на честички е повисока од нормалната.

Врховниот суд на Индија во ноември ги критикуваше владите на индиските држави што не успеале да ги решат кризните ситуации и ги игнорираат наредбите за ограничување на согорувањето. Чистиот воздух и водата се човеково право, наведе судот, а локалните власти треба да им платат обесштетување на граѓаните доколку не успеат воздухот да го одржат чист.

– Човечките животи и здравјето на луѓето се загрозени, се вели во пресудата на судот.
Пекинг некогаш беше синоним за загаден воздух, но Владата во 2014 година објави дека започнува „војна против загадувањето“, ветувајќи дека ќе се ослободи од смртоносниот воздух што го дишат жителите на многу градови во Кина.

– Решително му објавуваме војна на загадувањето, како што објавивме војна против сиромаштијата, соопшти премиерот Ли Кечијанг пред 3.000 делегати на Националниот народен конгрес во обраќање што го пренесуваше државната телевизија.

Кина воведе строги ограничувања за согорување јаглен и имплементираше нови стандарди за емисија во електрани и тешката индустрија. Забраната е и изградба на нови електрани околу Пекинг и други многу загадени области, а оние што придонесоа најмногу за загадувањето беа затворени.

Пекинг, Шангај и другите поголеми градови го ограничија бројот на возила на улиците, а се субвенционираат електрични автобуси.

Квалитетот на воздухот во Пекинг се подобри, иако сè уште е далеку од чист. Просечната количина честички на ден варира меѓу „умерено“ и „нездраво“. Максималната измерена количина на ПM 2,5 достигна речиси 250 микрограми на кубен метар во ноември 2018 година; тоа сè уште е многу пониско од нивото што некогаш беше вообичаено во тој град.

Во 2013 година, Пекинг забележа концентрации меѓу 700 и 900 микрограми на кубен метар; на тоа ниво на загадување сега е воздухот во Њу Делхи.

Гринпис во 2016 година предупреди дека регулативата што ја спроведува Кина на исток само ги менува индустриските загадувачи на запад и оти воздухот сега е позагаден во тие области.

Западна Кина исто така е подложна на високи сезонски невремиња меѓу април и јуни, што значително придонесува за загадување на воздухот. Минатата година, два града во провинциите Синкјанг, Хотан и Кашгар, беа меѓу најзагадените градови во светот.

Извор: Њујорк тајмс

loading...