Карлсон објави кога ќе биде емитувано неговото интервју со Путин

од Stefanija Kuzmanovska

Интервјуто на американскиот водител Такер Карлсон, кој е близок до Доналд Трамп, со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде емитувано на неговата страница во четврток, објави Карлсон на својот Инстаграм профил.

Интервјуто ќе биде објавено на полноќ по средноевропско време.

Такер Карлсон, близок пријател на Доналд Трамп, кој долго време беше медиумска ѕвезда на каналот Фокс њуз, се упати во Москва за да го спроведе првото интервју кое Путин го даде на западен новинар од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Контроверзниот, но добро познат водител во САД неодамна беше отпуштен од Фокс њуз и оттогаш води емисија на Х (поранешен Твитер).

Посетата на Карлсон, која постојано ја критикуваше американската поддршка за Украина во последните месеци, беше опширно покриена од руските државни медиуми.

„Повеќето Американци се неинформирани, немаат поим што се случува во регионот, овде во Русија. Тие треба да знаат, бидејќи самите финансираат многу од војната“, вели Такер Карлсон во видеото објавено во вторникот, објаснувајќи ги неговите причини зошто го побарал ова интервју.

Американскиот водител се пофали и дека е единствениот новинар кој изразил подготвеност да разговара со рускиот претседател. Тврдењето е во спротивност со изјавите на Кремљ, кој тврди дека веќе добил барања од западни медиуми за интервјуа со Владимир Путин.

Слични содржини