Кацин: Македонија и Црна Гора треба да бидат “париско-берлинскиот“ мотор на Балканот

од desk4

 Словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, во интервју за МИА зборува за следните чекори на зачленувањето на Македонија во Алијансата, важноста на земјата за регионот и уверува дека “сѐ е договорено“ за потпишувањето на пристапниот протокол, што треба да се случи многу скоро.

Господине Кацин, прво да ве прашам дали Словенија веќе го одобри пристапниот протокол за членството на Македонија во НАТО?

Владата на Република Словенија и парламентот одамна дадоа согласност за потпишување на пристапниот протокол, пред повеќе од десет дена тоа го најави и нашиот министер за одбрана, кој беше во посета на вашата земја. Тогаш беше кажано дека јас имам овластување. Во меѓувреме стигна и писмено овластување тоа да се потпише и го чекаме само свечениот чин на потпишување на тој документ. Тоа значи дека Република Македонија е де факто 30-та членка на сојузот, иако не одлучува, туку набљудува, и поканета е на сите важни формати на сојузот.

Кои се тие важни формати?

Ќе соработува на северноатлантскиот совет, на некои, на формат на заменици, политички советници, воени советници, и така со ред, повеќе од три четвртини од форматите ќе бидат од сега отворени за учество на Македонија, која ќе мора да ги покрива тие состаноци.

Можете ли да објасните конкретно што подразбира тоа учество за Македонија, за институциите, за дипломатите, итн?

Да бидам разбирлив: почнува секојдневната работа. Треба да се следи што се случува, да се известува Скопје за тоа за што се расправа и што одлучува северноатлантски совет, што се подготвува за следните седници, кој е ставот на Македонија по големите светски прашања за кои се расправа тука. Македонија не е веќе на менито, туку е на маса. И како следна, триесетта, рамноправна членка соработува и следи сѐ што се случува. Тоа е момент на вистина колку е ова и изискателно за земјите членки, треба да се има јасен став, треба да се поддржат сојузниците, ако има двоумење на тоа треба да се обрне внимание за да се согледаат сите последици на секоја наша одлука, но од потпишувањето натаму, да бидам пластичен, Македонија е посветена да биде целосно членка на сојузот.

Значи сега веќе активно се очекува од Македонија да има став за големи светски прашања, и дали Македонија ќе може, како земја набљудувач, да го даде своето мислење или да интервенира на таа или таа тема од сега натаму, или за сега само фаќа белешки?

Јас би предупредил на некои работи. Се работи за фаза помеѓу потпишувањето и завршувањето на процесот на ратификација во 29 земји членки. Ако сакате да влијаете врз брзината на ратификацијата имате исклучителна прилика да се докажете како де факто рамноправна сојузничка. Каде што се работи за чувствителни прашања, генералниот секретар или било која земја членка има право да побара мислење од Македонија и да ве замоли за ваш поглед. Тука можете да ја добиете таа можност. Што значи дека на секој состанок треба да се подготвите, да се усогласите да имате став за некои работи. Нема да ве “гњавиме“ за некои предизвици во Индискиот океан, но кога се работи за ситуација во непосредна близина, кога зборуваме за КФОР на пример, кога зборуваме за компликациите на Западен Балкан, мислам дека многу сојузнички, не само Словенија, со задоволство ќе го слушнат вашиот став. Ја имате таа можност да се чувствувате рамноправни.

Знаете ли кога ќе биде церемонијата на потпишување?

Знам.

Може да ни кажете?

Не можам, ние тука сме договорени дека постои принцип на консензус. Кога 29-те ќе се договорат, се договараат и кога ќе соопштат. Можам јасно да ви одговорам дека наскоро ќе се случи и дека сѐ е договорено.

Нема да има политички пречки во последен момент?

Само ако вашиот министер на дојде на потпишување, тоа би било порака (се смее).

Ова е значи сега период на подготовка, и претпоставувам дека Македонија има уште работа за реформите. Кои се тука главните реформи на кои Македонија уште сериозно треба да работи?

Секако. Не сакам отворено да зборувам за тоа. Се работи пред сѐ се работи за стриктна контрола над разузнавачките служби, за полна соработка со разузнавачките служби, се работи за вклучување на собранието во таа работа, тоа не е само владина одговорност. Тоа што го бара сојузот базиран на потполн консензус изискува инклузивност во земјата членка. Тоа има драматично влијание врз политичка култура, врз квалитетот на демократското носење одлуки затоа што бара и опозицијата преземе голем дел од одговорноста. Сето тоа квалитетно го надградува досегашниот систем на носење одлуки, посебно за Македонија која имаше големи тешкотии во минатото, тоа е голем поттик за зајакнување на институциите кои мора да бидат посамостојни, оперативни, независни, да реагираат во реално време.

Слободата на медиумите е суштина на демократијата и известувањето на јавноста за најтешките прашања за колективната одбрана на нашата безбедност и од друга страна солидарноста на нашата предна одбрана, нашите единици на кризни жаришта каде мораме превентивно да делуваме за да ја намалиме опасноста од инциденти, сето тоа бара полна соодговорност. Ние како постојани претставници тука во НАТО расправаме за тоа што треба да направат нашите војници, каде и да се, да бидат безбедни и да се намали на минимум опасноста од жртви. Тој заеднички страв да ги сочуваме нашите луѓе тоа мора да го развиеме, тоа е квалитетот на сојузништвото. Ние не сме само воена алијанса, ние сме и политичка алијанса на меѓусебна солидарност и одговорност и полна меѓусебна доверба. Во НАТО нема надгласувања, не гласаме во НАТО, расправаме додека не се договориме. Усогласуваме позиции, добороволно го даваме својот дел од војската, опремата, техниката и оружјето. Врз основа на сето тоа доаѓа друга работа – земја која влегла во НАТО е одговорна земја, земја во која работат институциите, во која има смисла да се инвестира, земја во која не смее да има рекет, земја во која по дефиниција мора да се спроведе борбата против корупција. Тоа е сертификат дека во таа земја треба целосно да се инвестира, не само финансиски, туку кадровски, политички, културно, сѐ.

Со оглед на ова што го кажавте за важноста за внатрешен консензус, кога гледаме колкава е поделбата во Македонија околу договорот за името, потешкотиите за политички дијалог, па и информациите дека имало руско влијание во одредени политички кругови како што покажаа истражувачки новинарски стории, се плашите ли дека во наредниот период може да се појават ризици во земјата?

Влезот во НАТО е одлична прилика за созревање на сите политички субјекти во земјата, во извршната и во парламентарната и вонпарламентарната сфера и невладините организации. Има сѐ повеќе мешање во изборните процеси, мешање и ставови кои го нарушуваат суверенитетот на земјата и кои се против стратегиските приоритети на земјите. Преспанскиот договор е последниот таков пример. И вашата и грчката Влада реагираа, такво мешање што се истражува во САД, тоа самите го доживеавте. Тука два елемента се важни. Секоја политичка опција треба да се погледа во огледало и да одлучи каде и е иднината: во Москва или на запад? Важи ова и за сите ваши соседи. А друго е дека сите ваши институции треба да реагираат на такво мешање и да спроведат активности. Нетранспарентноста на финансирањето или обидите за дестабилизација на самата земја треба како такво да се препознае. Треба да се зголеми отпорноста на сите наши земји членки. Колку сме способни да преживееме такви обиди и колку сме способни во такви обиди меѓусебно да си помогнеме? Имаме свои мобилни тимови кои доаѓаат на барање на поединечни држави и им помагаат на органите на тоа да се спротивстават. А имаме и низа предизвици од кибернапади до хибридни закани. За сето тоа треба подобро да се организираме, да развиеме капацитети, да имаме поголема свест дека тоа постои.

Мислите дека Македонија има капацитет за сите овие предизвици?

Македонија покажа во последните години дека е способна да се менува и прилагодува на нови ситуации, дека е толку одговорна што разбира дека треба да го надомести изгубеното време од оние десет години откако не беше во пакет со Хрватска и Албанија за влез во НАТО. Сите политички субјекти да размислат колку пати донеле погрешни проценки кога не искористиле историски прилики, кога наместо да прифатат компромис повторно организирале некакви избори, било кој изговор Македонија сама себе да се дискредитира и да се оддалечува од европските текови. Она што е важно сега, не е дали е доволно способна туку дека Македонија докажа дека е моментално најзрела на Западен Балкан и со тој историски исчекор докажува дека некои други земји од регионот треба на неа да се угледаат и да си ги забрзаат реформите. Македонија заслужува датум за преговори, тоа ќе биде најјаката порака за сите соседи, од Албанија преку Косово и Србија и Црна Гора ќе биде во подобра ситуација кога има некоја земја што сака да го надомести изгубеното време. И тогаш ќе се види дека не треба да се чека пакет на сите земји од Западен Балкан, од кои уште одат наназад. Црна Гора и Македонија како тандем мора да играат улога во регионот како париско-берлинскиот мотор во Европа, мораме нешто такво да развиеме, тука се можностите и сѐ ќе биде можно ако имаме водачи свртени кон иднината кои разбираат дека компромисот е најголема победа. Без тој принцип НАТО никогаш не би функционирал.

Има уште ризик до полноправното членство нешто да излезе од контрола, некое сценарио слична на она што се случи во Црна Гора? Или мислите дека сега е работата завршена?

Секогаш треба да се биде подготвен да се одговори на секој предизвик. Дали е веројатно, не би зборувал јавно. Јавно би рекол дека на Западниот Балкан секогаш имало земји кои знаеле да направат нешто во корист на сопствената штета, кои не сфаќаат колку е важен тој пробив. Од сите тие причини вашиот пример е нешто на што сите треба да се угледаат.

Словенија е контакт точка амбасада за Македонија од први јануари, што значи тоа?

Амбасадата на Република Словенија од 1 јануари ја претставува амбасадата задолжена за Македонија и да направи сѐ да и помогне на Македонија од потпишувањето на протоколот на сите можни начини да помага и објаснува што и како треба да се направи за тој процес што побргу заврши. НАТО има и своја канцеларија за комуникација, liaison office, која исто така ја предводат Словенците. Словенија во двата капацитета ќе го направи своето. Шефот на делегацијата на ЕУ е исто така од Словенија. Словенија е посветена најмногу што може да и помогне на Македонија. Како што и помагавме на Црна Гора, имавме советник, бевме контакт амбасада, така сега тоа го правиме со Македонија и во иднина кога ќе созреат условите за друго земја од поранешна Југославија да тргне накај НАТО повторно ќе помогнеме.

Македонија во овој клучен период воопшто нема амбасадор во НАТО, а слабо стои и со човечки ресурси во ова претставништво. Дали е ова нормално?

Не ме влечете за јазик да не испадне дека се мешам во вашите претседателски избори… Кога ќе имате претседател или претседателка, мислам дека ќе потпише документ со кој ќе се постават многу амбасадори и тогаш и вашата мисија тука во НАТО ќе добие амбасадор или амбасадорка и дека кадровски ќе се засили екипата.

Имате коментар за можноста за предвремени избори во Македонија?

Немам и не сакам да имам.

Мислите дека е добра идеја?

Македонија е суверена земја и мора да донесе одлуки кои и одат во корист или не. Како постојан претставник во НАТО не сакам да се мешам, мислам дека Македонија е доволно зрела да донесе одлука. Можам само како Јелко Кацин да ви кажам дека не се работи само за НАТО, дека се работи и во јуни да се добијат преговори за ЕУ, па тогаш сами протолкувајте што би било корисно или не ако во меѓувреме има и други приоритети.

Мислите дека ќе има преговори со ЕУ во јуни?

Голем број држави разбираат дека Македонија е голем извозник на стабилност на Западниот Балкан, дека многу направила, затоа толку се трудиме тоа потпишување што побргу да се случи. За вашата јавноста да види дека НАТО си го одржува зборот, да разберат и сите сојузници, но и оние земји кои не се членки на НАТО но се членки на ЕУ, па имаат уште двоумења дали сега треба датум, за кого и како. Тоа е процес кој преку јавна дипломатија испраќа пораки колку е  важно Западниот Балкан да има јасна перспектива за членство. Упорно работиме на тоа во јуни тоа да се случи, затоа правиме сѐ да оди ратификација што побргу, затоа сме и контакт амбасада, за во меѓувреме Македонија преку продлабочување на реформите да докаже дека не се работи само за статус на членка туку и да придонесува и да ги поттикнува другите земји во регионот. Да ја немавме сега Македонија ќе требаше да ја измислиме. Нејзиниот најголем квалитет е што носи позитивни пораки од регионот. Држава која напредува – тој напредок треба да се препознае, да се мотивира што повеќе да направи.

Ако нема датум во јуни мислите дека постои ризик Македонија и регионот да скршнат од патот?

Мислам дека треба да се фокусираме на датумот и во Македонија да направите сѐ што е до вас за да се случи датумот. А на нас е да помогнеме тоа да се случи. Не би “ако не“, затоа што тоа го намалува квалитетот на напорите за реформите. Треба и економски реформи, економијата не е подготвена, одработете го своето, ако нема датум ќе се занимаваме со тоа тогаш. Пред 10 години не добивте покана каде што требаше да добиете, и отидоа 10 години. Сега има неколку месеци да се сработи тоа што треба да не се изгубат година или две. Секој ден треба да се искористи за да ги убедите другите дека заслужувате датум.

Кои ќе бидат главните теми на следниот министерски за одбрана на 13 и 14 февруари кога се очекува да биде присутна и македонската министерка?

Ќе расправаме за Македонија и за процесот на ратификација кој треба што побргу да заврши. Ќе расправаме и за споделувањето на товарот, колку даваме за колективната одбрана, што и кога може дополнително да се обезбеди во таа насока, со што можеме сами, а што во соработка со ЕУ. Ќе биде присутна и Могерини. Имаме и партнерски земји кои се со една нога во НАТО, Шведска и Финска.

Претпоставувам дека ќе се разговара и за нуклеарниот договор (INF) од кој најавија повлекување САД поради непочитувањето на Русија, колкав е безбедносниот ризик за континентот и за балканскиот регион од оваа криза?

Во нашето непосредно соседство имаме база во Романија, каде имаме и радар и пресретнувач на балистички ракети кои се таму инсталирани баш за да не дојде до ракетен напад врз било која сојузничка, вклучително и идната сојузничка Македонија. Ако дојде до таков обид треба да се намали секоја можност било што неконтролирано да падне врз земјата. Тоа се исклучително чувствителни теми. Затоа реков дека Македонија нема да учествува на сите формати, бидејќи треба да се подготви кадровски за да има елементарно познавање за да ги разбере тие процеси. Кога земја е полноправна членка, треба сите одговорности да ги преземе, вклучително и одговорноста за преземање на информации кои се однесуваат на заедничката безбедност.

Како мислите дека ќе влијае целиот овој процес на зачленување на Македонија во НАТО врз соседна Србија? Има ли шанси да се одблокира дијалогот со Косово?

Србија мора сама да одлучи што сака и каде сака. Јавно политичката елита се колне дека сака накај западот. Словенија 15 години е членка на ЕУ и НАТО, но некои дилеми во Србија се исти како и пред 30 година. Елементарно прашање тогаш беше дали може Косово да биде седма република во некогашна Југославија. Тогаш да беше одговорот “да“, Југославија ќе преживееше, ќе имаше седум републики, држава федерација со седум републики одамна ќе влезеше во европската заедница, одамна би била дел од НАТО и не би ги изгубила сите овие години во војни и заостанување. После десет години вие созреавте за тоа што значи компромис, создадовте услови за подобра иднина, некои уште се занимаваат со контрапродуктивни активности. Замислите дека ја користат цела енергија да ги убедат некои земји да го повлечат признавањето на Косово. Тоа не е политика на иднината, но од друга страна Србија има значајно повеќе воени вежби со НАТО отколку со Русија, а во медиумите изгледа дека воопшто нема ништо со НАТО, а со Русија е мед и млеко… затоа еден од главните проблеми во соседството на вашата земја е соочувањето со реалноста. Ако премногу се занимаваат со митологија, тогаш премногу луѓе емигрираат. На запад, не на исток.

Тања Милевска  МИА

Слични содржини