Ќе го спаси ли Германија стартот на македонските преговори во декември?

од Берта Китинска

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи вчеравечер престојуваат во посета на Берлин каде имаа средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

Од Владата потврдија дека Димитров и Османи се поканети од министерот за надворешни работи на Германија Хајко Маас и германскиот државен министер за Европа Михаел Рот да учествуваат на работен состанок во Берлин.

Целта на разговорите во германскиот главен град е да се најдат начини за приближување на позициите на Скопје и Софија и да се овозможи почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ во рамки на германското претседателство.

Германија сака првата Меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ да се оддржи до крајот на годината, кога истекува нивното претседавање со Унијата, а Бугарија не попушта и се заканува со вето.

Бугарската новинска агенција БГНЕС пишува дека бугарскиот премиер, Бојко Борисов, ја испрати вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во Берлин, каде што вчеравечер се одржи дискретна средба со претставници на Владата на Република Северна Македонија по покана од германското претседателство со ЕУ.

Целта на разговорите, како што пишува БГНЕС, е Бугарија да ги утврди условите под кои би можела да го поддржи почетокот на преговорите за  Македонија.

Според германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтун клучната одлука, дали на Северна Македонија ќе и биде дозволено отворање на преговорите, ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември, откако претходно таа треба да биде подготвена од амбасадорите на земјите-членки. Бугарија може да ги блокира овие процеси, затоа што одлуките се носат со консензус. Затоа, Германија бара од двете земји ваквите спорови да ги решаваат билатерално и да не ги внесуваат во преговарачката рамка.

„Шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот веќе со недели работат на такво решение со тоа што телефонски разговараат со своите колеги во двата главни града. ЕУ-дипломати се воздржани оптимисти дека ќе се најде такво решение.”

„Спорот за името беше решен откако Скопје соопшти дека нема никакви територијални претензии кон целиот историски регион Македонија. Притоа, од Скопје посочуваат на македонскиот устав, кој експресно ги исклучува територијалните претензии кон соседните држави и исто така наведува дека нема да се меша во внатрешните работи на другите држави. Како и да е, сепак, тие (Скопје, н.з.) се подготвени да го потврдат ова повторно одделно до сите држави на ЕУ.”

Слични содржини