Ковачевски: Му благодариме на Патријархот Вартоломеј што стави крај на една историска неправда

од Vladimir Zorba

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и членовите на владината делегација Бујар Османи, министер за надворешни работи, Славјанка Петровска, министерка за одбрана и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, денеска присуствуваа на литургијата во соборниот храм на Вселенската патријаршија со која сослужуваа Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, поглавар на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан и Неговата Сесветост Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски патријарх, Вартоломеј, Патријарх на Вселенската патријаршија.

За делегацијата на Владата после литургијата беше приреден прием, а премиерот Ковачевски и имаше тет-а-тет средба со Неговата Сесветост Архиепископот на Константинопол, Новиот Рим и Вселенски патријарх, Вартоломеј, Патријарх на Вселенската патријаршија.

Премиерот Ковачевски и во оваа прилика ја изрази благодарноста до Неговата светост Патријархот Вартоломеј за неговата храбра одлука да ја прими во заедништво јерархијата на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија во канонско единство со православната заедница, којашто беше веднаш поткрепена со соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.

Ковачевски на средбата истакна дека постапката на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан со кој конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква, ја прави нашата црква реалност во православната заедница.

Со овој чин, беше нагласено на средбата на премиерот Ковачевски со Патријархот Вартоломеј Вселенската патријаршија стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија во ликот на МПЦ, како врвен национален интерес на народот во Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски на Патријархот Вартоломеј му го честиташе јубилејот 30 години од извршувањето на светата должност Вселенски патријарх и 60 години свештенство и изрази честитки за неговата посветеност за решавање на црковните прашања во име на единството на православната заедница.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски му упати покана на Неговата Светост Патријархот Вартоломеј да ја посети нашата земја.

Слични содржини