Ковачевски: СДСМ оди на двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на отворање на промотивен штаб на партијата во Бутел посочил дека масовното присуство на членовите и симпатизерите на партијата покажува дека СДСМ е подготвена и оди на двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, затоа што има економски политички и државнички резултат зад себе.

„Со СДСМ граѓаните имаат поголеми плати, пензии, имаат слободна и демократска држава, рамо до рамо со ЕУ и САД. И затоа што со опозицијата граѓаните знаат дека имаат помали плати, помали пензии, дека со нив парите неместо кај народот завршуваат во споменици и стиропор, нема демократија, а земјата ќе биде во изолација“, истакна Ковачевски.

Ако погледнеме прво за најважното, за економијата, за животниот стандрад на граѓаните, на работниците, професорите, наставниците, пензионерите, полицајците, војниците, ранливите, фактите потврдуваат, додаде тој, со СДСМ растат платите и секој добива повеќе.

„Ветивме просечна плата од 500 евра до 2024 година, не само што го исполнивме тоа ветување, го надминавме. Денеска, благодарение на политиките на СДСМ просечната плата е 630 евра. Во време на ДПМНЕ изнесуваше само 360 евра. Со СДСМ, 270 евра повеќе! Платите ќе продолжат да растат со СДСМ и во новата програма ќе имаме нови мерки за поголеми плати. Минималната плата веќе од наредниот месец ќе биде над 22.500 денари. Во време на ДПМНЕ изнесуваше 8.000 денари. Со последното покачување минималната плата ќе ја зголемиме за 150% во споредба со ДПМНЕ. СДСМ е на страната на работниците, го вреднува нивниот труд и го почитува“, рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ, како што се посочува во партиското соопштение, посочи на разликата во концепти со ВМРО-ДПМНЕ.

„Прогресивниот, проевропскиот концепт предводен од СДСМ и деструктивниот, антиевропски концепт на ВМРО ДПМНЕ. Оваа разлика на концепти граѓаните го гледаат и фактите го потврдуваат“, порача Ковачевски.

Слични содржини