Лавров: Колку подолго трае конфликтот во Украина, толку ќе бидат потешки условите за преговори

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров денеска изјави дека колку подолго трае конфликтот во Украина, толку потешки ќе бидат условите под кои можат да започнат мировните преговори.

„Претседателот (на Русија, Владимир Путин) еднаш рече дека оние кои сега се против преговорите, вклучително и оние кои му забранија на (претседателот на Украина Володимир) Зеленски да го потпише веќе постигнатиот договор во април 2022 година, мора да сфатат дека колку подолго го принудуваат Зеленски да води војна, толку ќе бидат потешки условите во кои може да започнат преговорите“, изјави Лавров по состанокот на колегиумот на руското и белоруското министерство за надворешни работи.

Тој повтори дека Русија никогаш не „бегала од преговори“, пренесува РИА Новости.

Лавров истакнал дека високи претставници на западните земји се обидуваат да воспостават контакти со Москва за Украина, и покрај јавните ветувања дека нема да разговараат за овие прашања без присуство на Киев.

„Кога тие изјавија и продолжуваат да изјавуваат, според мене, по инерција, дека нема да разговараат за ништо за Украина без Украина, се разбира, тие се лицемери. Тоа воопшто не е точно“, рече Лавров, пренесе „Интерфакс“.

Лавров додаде дека нема право да именува имиња, но тврди дека голем број високи, познати западни лидери, вклучително и еден конкретен лидер на многу позната западна земја, постојано испраќале сигнали преку најмалку три различни канали со порака: „Зошто да не се сретнеме и разговараме што да правиме со Украина и европската безбедност“.

Шефот на руската дипломатија смета дека е време НАТО и ЕУ да го сфатат целосниот ќорсокак на војната што ја започнаа против Русија преку режимот на Зеленски.

Слични содржини