Макрон: Од Русија ќе бараме прекин на огнот за време на Олимпијадата

Според санкциите воведени поради руската инвазија, МОК дозволи само некои руски и белоруски спортисти да се натпреваруваат во Париз под строги ограничувања.

од Бети Божиноска

Од Русија ќе биде побарано да го почитува примирјето во Украина за време на Олимписките игри во Париз, изјави вчера францускиот претседател Емануел Макрон во интервју од Париз, пренесува „Еурактив“.

„Барањето е за прекин на огнот за време на Олимпијадата. Тие (Русите) мора да го направат ова. Тоа отсекогаш се случувало. Правилото на земјата-домаќин е да се движи во чекор со олимпиското движење. Ова е порака за мир. Ќе ја следиме и одлуката на Олимпискиот комитет “, рече Макрон.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ја осуди руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, велејќи дека руската влада го прекршила Олимпиското примирје, кое има за цел да ја искористи моќта на спортот за промовирање на мирот и надијалогот.

Во четвртокот, претседателот на Рускиот олимписки комитет рече дека РОК нема да ги бојкотира овогодинешните Олимписки игри во Париз и покрај ограничувањата за спортистите наметнати од МОК како казна за инвазијата на Украина.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго, во интервју за Ројтерс во средата изјави дека претпочита Русите и Белорусите „да не доаѓаат“. На Русите и Белорусите првично им беше забрането да се натпреваруваат на меѓународно ниво по инвазијата, за која Белорусија беше искористена како терен.

Високиот потпретседател на (МОК), Џон Коутс, не е сигурен колку руски спортисти ќе се натпреваруваат како неутрални спортисти на Игрите во Париз, но смета дека се 40-тина.

Според санкциите воведени поради руската инвазија, МОК дозволи само некои руски и белоруски спортисти да се натпреваруваат во Париз под строги ограничувања.

Неутралните спортисти ќе се натпреваруваат само во индивидуални спортови без знамиња, амблеми или национални химни, а спортистите кои активно ја поддржуваат војната во Украина или имаат договор со руската или белоруската војска, не смеат да учествуваат.

Москва, која ја опишува инвазијата како „специјална воена операција“, ги нарече ограничувањата „нелегитимни, нефер и неприфатливи“, но рускиот олимписки шеф, Станислав Поздњаков, потврди дека нејзините спортисти нема да ги бојкотираат Игрите.

Вклучувањето на неутралните спортисти останува спорно прашање, а министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, ја опиша дозволата дадена во декември како „срамна“.

„Прашањето е колку од нив ќе бидат таму бидејќи нема да учестуваат во ниту еден тимски спорт затоа што не можат да се натпреваруваат како Русија. Не знам, но очигледно некои спортисти би можеле да изберат да не одат ако не се натпреваруваат за Русија, “ изјави Коутс за сиднејски „Дејли телеграф“.

Некои спортови, како што е коњичкиот, најавија дека нема да дозволат ниту еден спортист од двете земји да се натпреварува, а Светската атлетика објави целосна забрана за руски и белоруски спортисти на почетокот на 2022 година.

Други, како што се Светското пливање и Меѓународната тениска федерација (ИТФ), ќе им дозволат на Русите и Белорусите да се натпреваруваат според ограничувањата на МОК. Рускиот тенисер број четири, Даниил Медведев, претходно овој месец изјави дека со нетрпение очекува да се натпреварува и дека ќе се придржува до правилата.

Олимпијадата во Париз ќе трае од 26 јули до 11 август.

Слични содржини