Мицкоски: На Ахмети и луѓето околу него тоа што не им појде од рака со пушка, сега сакаат од внатре и од институциите да го сторат

од Nikola Popovski

Македонија пропушти многу сите овие години. Многу животи на многу луѓе се потрошија на чекање да дојде подоброто време во кое сите верувавме и сите се надевавме. Македонија е заглавена во чекалницата и го живее матриксот на постојано разочарување и грда реалност, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на промоцијата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ за парламентарните избори.

За Мицкоски, лошите политичари ги носат луѓето кои всушност не гласаат, туку се пасивизираат и креваат раце од работите.

-Овие избори се вистински последниот час за да победат пристојните луѓе и разумот во Македонија – за да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме таа надеж која има сериозна намера да ја обнови Македонија. На прагот сме на голема победа која ќе биде на сите пристојни луѓе кои ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука за себе, своите семејства и иднина, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од салата на Македонската филхармонија.

Според Мицкоски, ДУИ се политичкиот фактор, кој освен тоа што го потчини СДСМ и од голема партија направи ситна играчка во своите раце, својот криминал го вгради во секоја институација и направи криминализација на Македонија. Обвини дека нема ниту еден човек од нивната структура кој одговарал пред законот.

-Немам ништо против еден народ, но имам против да се краде Македонија и да се упропастува бездушно, рече меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Јас сум свесен дека Али Ахмети и тие околу него точно знаат што правеа овие 20 години. Свесен сум дека тоа што не им појде од рака со пушка, сакаат сега од внатре, од институциите да го сторат. Нивната цел е да ја ограбат, понижат и засрамат Македонија – оние кои ја бранеа Македонија. Ова се избори кога мора да се спротивставиме на тоа, додаде Мицкоски.

Слични содржини