Мицкоски му кажал на Хан дека граѓаните се доволно зрели за сами да си одлучат за референдумот

од desk4

Средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан имаше и лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што информираат од партијата, разговарале за политичката состојба во државата, евроантлантските интеграции на Македонија како и актуелниот референдум за договорот со Грција.

Мицкоски го повторил ставот дека за Македонија членството во НАТО и во ЕУ  е од стратешки и државен интерес, но дека договорот со Грција е штетен и неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, односно надвор од познатите принципи и начела на партијата.

Тој го повтори ставот на партиските органи во однос на референдумот дека граѓаните се доволно зрели и достоинствени за сами да ја донесат одлуката како ќе постапат на 30 септември.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повторил критиките за владата на СДСМ и  Зоран Заев, велејќи дека нивното работење го одбележуваат секојдневни криминални афери.

Хан и Мицкоски се согласиле дека евроатланската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во балканскиот регион како и дека е потребна поддршка во насока на реформи кои се од значење за остварување на тие стратешки цели на Македонија.

Слични содржини