На Трамп му се заканува повеќемилионска парична казна: Писателка го обвини за силување

од Stefanija Kuzmanovska

На поранешниот американски претседател Доналд Трамп би можело да му биде наложено да плати парична казна од повеќе милиони долари во втората граѓанска судска постапка која се води против него по тужбата за силување на писателката Е. Џин Керол, кое наводно се случило пред неколку децении.

Изборот на поротата за второто судење ќе се одржи денеска во федералниот суд на Менхетен, јавува „Ројтерс“.

Трамп претходно изјави дека сака да присуствува и да сведочи на ова судење, за разлика од првото судење, кога не сакаше да го стори тоа.

Минатиот мај, поротата му нареди на Трамп да ѝ плати на Керол 5 милиони долари за сексуален напад во соблекувалната во стоковната куќа Бергдорф Гудман во Менхетен, што тој го нарече клевета и го негираше во 2022 година.

Во второто судење, поротата мора да одреди уште колку Трамп треба да ѝ плати на поранешната колумнистка на магазинот Elle поради клевета во 2019 година, кога тој беше на функцијата претседател на САД. Американскиот окружен судија Луис Каплан, кој претседаваше со случајот, му забрани на Трамп да тврди дека не ја клеветел или сексуално ја нападнал Керол или дека таа го измислила обвинението против него.

Во двата случаи, Трамп (77) тврдеше дека не ја познава Керол и дека таа ја измислила нивната средба за да ги продаде своите мемоари. Керол (80) бара од Трамп да ѝ плати 10 милиони долари како компензаторна штета плус казнена отштета.

Слични содржини