Најнов доказ дека коронавирусот се шири преку воздухот

од Stefanija Kuzmanovska

Едно лице заразило 25 други патници додека патувало со автобус во Кина, иако не биле сите близу до него, според истражувањето кое нуди најнови докази дека коронавирусот се шири преку аеросоли, ситни честички во воздухот.

Здравствените власти на почетокот на пандемијата ја отфрлија можноста дека коронавирусот може да се шири со обично дишење, но со откривањето на нови докази, тие го променија мислењето.

Статија објавена во вторникот во списанието JAMA Internal Medicine ја опишува инфекцијата меѓу патниците кои патувале 50 минути со автобус до настан во Нингбо во јануари годинава, пред маските да станат рутинско средство за борба против вирусот.

Научниците веруваат дека патникот, чиј пол не е објавен, најверојатно бил нулти пациент затоа што бил во близок контакт со луѓе во Вухан, изворот на инфекцијата.

Експертите успеаја да мапираат каде седеле другите патници и да ги тестираат на вирусот. Се покажа дека 23 од 68 патници биле заразени во истиот автобус.

Важно е да се напомене дека заразените патници седеле и во предниот и во задниот дел на автобусот, т.е. надвор од двометарскиот круг на растојание што се смета за граница за ширење на вирусот по капличен пат.

Покрај тоа, нултиот пациентот не покажал симптоми на болеста, како кашлица, за време на патувањето.

Научниците забележаа дека уредот за ладење во автобусот циркулира ист воздух, што веројатно придонело за ширење на вирусот.

„Истражувањето покажува дека САРС-КоВ-2 е многу заразен патоген во затворени простории во кои има рециркулација на воздухот“, напишаа научниците.

Нивната студија, која вклучува дијаграм каде седел секој заразен патник, е нов доказ за ширење на вирусот преку аеросоли, како што е истражување за „патувањето“ на вирусот помеѓу масите на рестораните во јужниот кинески град Гуангжу.

Слични содржини