Нападнатиот контролор во М-НАВ приведен на ГП „Блаце“

од Nikola Popovski

Вработен во М-НАВ, 39 годишниот П.Б од Скопје, бил лишен од слобода синоќа околу 20 часот на граничниот премин Блаце. Како што соопштуваат од МВР, при извршување на пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека за него има активна мерка „апси“, на барање на Одделението за потраги.

Станува збор за лице вработено во М-НАВ кое било нападнато пред два дена во зградата на контролата на летање. Сепак, веднаш по инцидентот, ова лице исчезнува, и не било достапно за органите на правдата да даде исказ за самиот инцидент.

-На 06.01.2024 во 20.10 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, на излез од државата, бил лишен од слобода П.Б.(39) од Скопје. Имено, при извршена пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека за него има активна мерка „апси“, на барање на Одделението за потраги, за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ по чл.303 ст.2 од Кривичниот законик. Тој бил приведен и предаден на полициски службеници за понатамошна постапка, стои во соопштението на МВР.

Случувањата во Македонската навигација го кренаа алармот кај институциите. Во вторник во М-НАВ влегува Финансова полиција да го чешла работењето на Синдикатот и на менаџментот. По вчерашните најави на премиерот Димитар Ковачевски дека веднаш по празникот ќе бидат разрешени сите челници на ова тело, денеска пред јавноста се огласи директорот Хамиди кој вели дека нема да даде оставка, а целиот скандал го гледа само како недоразбирање меѓу колегите.

Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски беше повикан од делегацијата на Европската унија каде ги изнел деталите од целата ситуација, а известена е и Светската организација на контролори. Инцидентот го осуди и претседателот Стево Пендаровски.

Слични содржини