НАТО се подготвува да ја одржи најголемата воздушна вежба: „Сакаме да испратиме порака“

од Stefanija Kuzmanovska

Следната недела НАТО ќе ја спроведе најголемата воздушна вежба координирана од Германија, објавија во средата американски и германски претставници.

Вежбата „Air Defender 23“ ќе започне во понеделник и ќе трае десет дена со учество на околу 220 воени авиони од 25 земји членки и партнери на Северноатлантската алијанса.

Вежбата ќе биде од одбранбен карактер, но има за цел да испрати порака, особено до Русија, изјави за новинарите американската амбасадорка во Германија, Ејми Гутман.

„Би била навистина изненадена ако светскиот лидер не го земе предвид она што го кажува за природата на тој сојуз, што значи силата на тој сојуз, а тоа го вклучува и Владимир Путин“, истакна таа.

Вежбата е планирана од 2018 година, делумно како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година, иако таа не е насочена „против никого“, изјави генералот Инго Герхарц, командант на германските воздухопловни сили.

„Ние сме одбранбена алијанса и вежбата е така дизајнирана“, додаде тој.

„Оваа вежба треба да го надополни тековното присуство на Соединетите Држави во Европа и да обезбеди обука на повисоко ниво отколку што обично се спроведува на континентот“, рече генералот Мајкл Лох, директор на американската воздушна Национална гарда.

Засега „Air Defender“ не е планирано да биде редовна вежба, изјави Гутман. Но, „не сакаме да биде и последна“, додаде таа.

Одговарајќи на прашање за можното нарушување на цивилниот воздушен сообраќај за време на вежбата, генералот Герхарц истакна дека планерите направиле „се што е во нивна моќ“ за да спречат одложувања и откажувања на летови бидејќи започнуваат училишните празници во некои делови на Германија.

Организацијата на Северноатлантскиот договор, основана на почетокот на Студената војна, стана најголемата организација за колективна одбрана со 31 земја-членка во Европа и Северна Америка.

Слични содржини