Никола Ристановски награден за најдобра машка улога

од Берта Китинска

Актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Никола Ристановски е добитник на наградата за најдобра машка улога на 9. театарски фестивал „Нов тврдина театар“ кој се одржа Нови Сад, Србија, соопштија од Националниот театар.

МНТ со „Народен непријател“ на први септември го отвори 9. театарски фестивал „Нов тврдина театар“, а претставата се одигра на сцената на „Српско народно позориште“ во Нови Сад, Србија. Во официјалната програма учествуваа шест претстави од најголемите театарски куќи од регионот, а во чест на наградените, вчеравечер се одигра претставата „Љубов и вина“, во режија на уметничката директорка на фестивалот, Вида Огњеновиќ.

Жири-комисијата во состав: Ласло Блашковиќ, писател (претседател на жирито), Јована Балашевиќ, актерка и Ивана Ѓуриќ Пауновиќ, литературен преведувач, едногласно одлучија наградата за најдобра машка улога да му се додели на Ристановски за улогата на д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања.

Ристановски, веќе 30 години, кариерата успешно ја гради во сопствената земја, но и надвор од нејзините граници. Во неговата кариера остварил огромен број театарски, филмски и телевизиски улоги. Тој е воедно и најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар.

Претставата „Народен непријател“ на 5 ноември ќе гостува и во Италија.

Слични содржини