Нови апсења на европратеници поради корупција

од Nikola Popovski

Пратеникот во Европскиот парламент, Италијанецот Андреа Козолино е уапсен во текот на ноќта под обвинение за корупција, пренесува Политико и потсетува дека тој е шестиот човек кој е уапсен под сомнение за учество во скандалот „Катаргејт“.

Италијанската полиција го барала Козолино во неговиот дом, но таму не го нашла, пренесува АНСА.

Италијанската финансиска полиција пратеникот по кого е распишана европска потерница го пронашла во една од клиниките во Неапол и потоа го однела во затворот Поџориеле.

Неговото апсење следеше ноќта меѓу петокот кон саботата, кога белгиската полиција го уапси неговиот сонародник во Европскиот парламент, Марк Тарабела, во петокот рано наутро.

Во четвртокот, Европскиот парламент го укина имунитетот на двајцата пратеници, што го отвори патот за нивно апсење, пишува Политико.

Белгиската полиција упадна во петокот во домот на Козолино во Брисел, запечатувајќи ја, но не и претресувајќи ја неговата канцеларија во Европскиот парламент, потврди полицискиот портпарол.

Бил претресен и сефот на Тарабела во банка во Лиеж, како и неговите канцеларии во валонскиот град Антиснес, чиј градоначалник е тој.

Собраниските извештаи покажуваат дека можните прекршоци на овие двајца пратеници, според белгискиот закон, би можеле да бидат корупција, учество во криминална организација и перење пари, додека обвинителството ги товари за корупција и перење пари.

Минатата недела беше ослободен еден од четворицата уапсени во овој случај, Николо Фига-Таламенко, генерален секретар на невладина организација поврзана со скандалот „Катаргајт“.

Останатите осомничени, поранешната потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и пратеникот Пјер Антонио Панзери се уште се во затвор.

Во јануари, Панзери постигна договор за да соработува со истражителите.

„Катаргејт“ е афера за поткуп на пратеници според системот „кеш за услуги“, наводно платени од Катар и Мароко.

Слични содржини