Османи: Србија во заложништво држи петмина косовски полицајци

од Vladimir Zorba

Косовскиот претседател Вјоса Османи во четвртокот изјави дека петмина косовски полицајци се држат како „заложници“ во Србија, наведувајќи дека тоа е „шовинистичко злосторство“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља изјави дека во Рашка, Србија „без никакво објаснување“ се приведени четворица полицајци и заменик директорот на косовската полиција од српската заедница Дејан Јанковиќ.

Тој рече дека овој чин на Србија е преседан „помеѓу многуте акции и напади врз полицијата на Косово“.

„Ова е директен напад на Србија врз припадниците на сопствената заедница, српската заедница во косовската полиција кои наоѓаат волја и храброст да се приклучат на заедничкиот пат насочен кон услуга и безбедност на сите граѓани и стабилноста на нашата земја“, рече Свечља на свеченото доделување дипломи на полициските кадети.

На церемонијата на доделување дипломи за кадетите на косовската полиција, Османи ја повика меѓународната заедница да дејствува по ова прашање.

„Ги повикуваме сите наши сојузници да го кренат својот глас и да ги зајакнат напорите да се запрат овие шовинистички ѕверства и акции против нашите граѓани и нашата полиција. Убеден сум дека денешната заклетва на сите овие кадети, оваа мултиетничка група, е најмоќниот одговор “, рече Османи.

Министерството за внатрешни работи на Косово доцна во средата соопшти дека српските власти го држат заменик директорот на косовската полиција и уште четворица полицајци.

Косовскиот МУП соопшти и дека заменик-директорот на полицијата од српска националност, Дејан Јанковиќ, од средата наутро е „во притвор без никакво објаснување“.

Јанковиќ, кој е од општина Штрпце, една од шесте општини со српско мнозинство јужно од Ибар, бил запрен на границата со Србија, Јариње, на северот на Косово и испратен на интервју во Рашка, во југозападно од Србија.

Претходно, српското Министерство за внатрешни работи ги отфрли обвинувањата за приведување автобуси со државјани на Косово. Во соопштението беше наведено дека српската полиција никого не привела и не спречила влез и минување низ Србија, а во тек е само „засилена контрола на сите патници“.

Сепак, Министерството за надворешни работи на Косово извести дека стотици косовски граѓани биле приведени и испрашувани „без никакво објаснување“ во средата.

Министерството ги повика граѓаните на Косово „по секоја цена“ да избегнуваат патување низ Србија и додаваат дека за ова прашање се обратиле до Европската унија и земјите од Квинта – САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија.

На свеченото доделување на дипломите на питомците на косовската полиција, Свечља им се обрати и на питомците кои потекнуваат од немнозинските заедници, наведувајќи дека „нашата република е и ваша, заедничка држава“.

На свеченоста, генералниот директор на косовската полиција Газменд Хоџа изјави дека 20 отсто од питомците потекнуваат од немнозинските заедници.

„Оваа генерација има 445 припадници на полицијата, со значителен број од 100 припадници на женскиот пол, додека другите 345 се мажи. Во оваа генерација има 357 Албанци, 37 Срби, 27 Бошњаци, седум Египќани, седум Турци, шест Ашкали и четворица Роми“, рече Хоџа.

Слични содржини