Откриена илегалната трговија со слики со вештачка интелигенција за сексуална злоупотреба на деца

од Stefanija Kuzmanovska

Педофилите користат технологија на вештачка интелигенција (AI) за да создадат и продаваат реални материјали за сексуална злоупотреба на деца, откри Би-Би-Си.

Некои луѓе пристапуваат до тие слики со плаќање претплата на популарни платформи за споделување содржини како Patreon, кои, пак, велат дека имаат нула толеранција за таква содржина на нивната платформа.

Советот на началниците на националните полицајци во Британија изрази гнев поради фактот што некои платформи остваруваат огромни профити, но не преземаат морална одговорност.

Креаторите и дистрибутерите на таква содржина користат софтвер со вештачка интелигенција наречен Stable Diffusion, кој првично беше наменет да генерира слики за уметност или графички дизајн. Софтверот им овозможува на корисниците да опишат со зборови, односно краток текст каква слика сакаат, а потоа програмата ја креира врз основа на тој опис.

Генераторот на слики со вештачка интелигенција Stable Diffusion е создаден врз основа на глобална соработка на академици и неколку компании, а е предводен од британската компанија Stability AI.

Но, Би-Би-Си откри дека софтверот се користи и за создавање реални слики за сексуална злоупотреба на деца, вклучително и силување на бебиња и малолетни деца. Полициските тимови на Обединетото Кралство кои истражуваат онлајн злоупотреба на деца веќе се среќаваат со таква содржина.

Независната истражувачка и новинарка Октавија Шипшанкс, која ја истражува темата неколку месеци, контактираше со Би-Би-Си преку детската добротворна организација NSPCC за да ги пријави своите наоди.

„Откако стана возможно да се генерираат слики со вештачка интелигенција, создаден е огромен бран. Не се работи само за многу мали девојчиња, педофилите зборуваат и за мали момчиња“, рече таа.

Слични содржини