Ова е младиот убиец (17) кој отвори оган во училиште во САД: Полицијата открила и експлозивна направа

од Stefanija Kuzmanovska

Идентификуван е напаѓачот кој отвори оган во средното училиште „Пери“ во американската сојузна држава Ајова. Станува збор за 17-годишен ученик по име Дилан Батлер.

Во нападот кој се случил во четвртокот, на 4 јануари, околу 7:40 часот по локално време, животот го загубил еден ученик, додека пет лица беа повредени, меѓу кои четворица ученици и училишен управител. Сите повредени се пренесени во блиските болници.

Мич Мортведт, помошник директор на Одделот за криминалистичка истрага во Ајова, рече дека една од ранетите жртви е во критична состојба, но се очекува целосно да закрепне.

Истрагата треба да покаже што го мотивирало 17-годишниот ученик да го изврши нападот пред да започне наставата. Важно е да се напомене дека изборот на време за нападот бил одлучувачки фактор за спречување на поголем број жртви, со оглед на тоа што повеќето ученици сè уште не биле на училиште.

Дилан Батлер бил вооружен со пушка и пиштол од мал калибар, истакнал Мич Мортвед, кој додал дека Батлер делувал сам.

Непосредно пред нападот, Батлер објавил видео од себе на TikTok со натпис „И сега чекаме“. Видеото подоцна беше отстрането од мрежата.

Полицијата го пронашла Дилан Батлер мртов од самонанесена прострелна рана.

При претрес во училиштето била откриена импровизирана експлозивна направа која била деактивирана од пиротехничари. Пукањето се случило на првиот ден од пролетниот семестар.

Слични содржини