Паника во украински град освоен од Русите: Радијацијата драстично се зголемува

од Stefanija Kuzmanovska

Нивото на радијација во Мариупол е 15 пати поголемо од она што се смета за безбедно. Неодамнешната силна бура што го погоди регионот на Црното Море го изми горниот слој на почвата од плажата на градот и зад себе остави слој ториумски песок. Ториумот е радиоактивен хемиски елемент.

Нивото на радијација во јужниот украински град Мариупол, кој беше срамнет со земја од страна на руските сили во месеците по почетокот на инвазијата на Украина и оттогаш е под контрола на Москва, е 15 пати поголемo од она што се смета за безбедно, изјави украински официјален претставник.

Руските социјални мрежи ја припишуваат радијацијата во областа околу плажата во Мариупол на силната бура која неодамна го зафати регионот на Црното Море, измивајќи го горниот слој на почвата и оставајќи отворен слој ториумски песок. Ториумот, инаку, е радиоактивен хемиски елемент од актиноидната група.

Сепак, Петро Андриушченко, советник на прогонетиот градоначалник на Мариупол, за каналот Телеграм изјави дека тоа не е причината.

Тој го припиша наводното зголемување на радијацијата на руските бомбардирања и ракетни напади врз тој град.

„Вистинската причина за високото ниво на радијација и изложеност на песок не е невремето, туку руската окупација“, рече тој, пренесе Newsweek, кој не може самостојно да ги потврди тие информации или вистинското ниво на радијација во областа.

Руски Телеграм канал во понеделникот објави дека жителите на Мариупол би можеле да бидат изложени на „потенцијално опасни нивоа на радијација“ по бурата која го опустоши регионот на Црното Море во последните денови.

Морето однесе поголем дел од обичниот песок на градската плажа и откри црн слој ториум, објави телеграмскиот канал „Маш во Донбас“, за кој се верува дека е поврзан со руските безбедносни служби.

Градскиот совет на Мариупол објави дека радијацијата на плажата е зголемена за четири пати, додавајќи дека песокот што го покрива ториумскиот слој бил однесен од водата.

„Ториумскиот песок е природен дел од Азовското крајбрежје“, соопшти Советот.

Не е познато какви би можеле да бидат здравствените или еколошките ефекти од таков настан. Светската нуклеарна асоцијација (WNA) со седиште во Лондон го опишува ториумот како „природен, благо радиоактивен метал“ кој се наоѓа во мали количини во повеќето карпи и почви.

„Ториумот е многу нерастворлив, поради што го има во изобилство во песок, но не и во морската вода“, објави WNA.

Слични содржини