По заканите, постигнат компромис: Украина сепак добива помош од 18 милијарди евра

од Stefanija Kuzmanovska

Амбасадорите на ЕУ постигнаа компромис за ослободување на дел од европските фондови наменети за Унгарија, што овозможи Будимпешта да ја укине блокадата за макрофинансиската помош за Украина од 18 милијарди евра во 2023 година. Компромисот треба официјално да биде усвоен во четврток на самитот на лидерите на ЕУ.

„Амбасадорите на ЕУ одобрија начелна помош за Украина од 18 милијарди евра, минимален данок од 15 отсто за големите компании, одобрување на планот за закрепнување на Унгарија и договор за условеност“, објави чешкото претседателство на својот профил на Твитер.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ја блокира финансиската помош за Украина доколку другите земји-членки на ЕУ го блокираат планот за закрепнување и кохезионите фондови планирани за неговата земја.

Будимпешта, исто така, одби да се согласи на минимален данок од 15 проценти за големите компании.

Препораката на Европската комисија до земјите-членки беше да се замрзнат 7,5 милијарди европски фондови наменети за Унгарија, со оглед на тоа што последните реформи што ги усвои Будимпешта за борба против корупцијата сè уште не беа доволни.

Исплатата на 5,8 милијарди евра од планот за економско закрепнување што го презентираше Будимпешта е исто така суспендирана поради спроведувањето на реформите во областа на владеењето на правото.

Земјите-членки ги земаа предвид најновите мерки што неодамна ги усвои унгарскиот парламент за да се олесни условувањето наметнато на Унгарија.

Постигнатиот компромис во понеделникот ги намалува замрзнатите европски фондови на 6,3 милијарди евра, за да се охрабри Будимпешта да ги почитува мерките што ги бараат нејзините партнери.

Компромисот треба официјално да биде усвоен во четврток на самитот на лидерите на ЕУ.

Слични содржини