Престрелка во Арачиново, ранет возачот на градоначалникот Ибраими

од Nikola Popovski
238 прегледи

Попладнево дошло до пукање во Арачиново, со употреба на автоматско оружје. Најверојатно било пукано кон автомобилот на градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибраими.

Според засега непотврдени информации, цел на нападот бил токму градоначалникот, а при престрелката е повреден неговиот возач, кој во моментов е на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Станува збор за момче на околу 30-годишна возраст.

Причината за инцидентот засега не е позната.

Пред десетина месеци, градоначалникот Ибраими пријави дека соселанец му се заканувал по животот, по што полицијата го уапси 69-годишниот арачиновец кој ги упати заканите.

Во февруари годинава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на Ибраими, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело.

-Надлежниот јавен обвинител тогаш до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник, извести тогаш ОЈО.

„Локално“ испрати прашања до МВР во однос на инцидентот, но до моментот на објавувањето на веста се уште не добивме одговор.

Слични содржини