Претседателот на АфД вели бил прободен во рамото, обвинителството вели нема индиции за такво нешто

од Vladimir Zorba

Десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија (AfD) тврди дека нејзиниот претседател Тино Чрупала бил физички нападнат за време на предизборен митинг во Баварија, но Државното обвинителство во Инголштад во четвртокот соопшти дека нема индиции дека тоа навистина се случило.

„Против непознато лице е отворена истрага поради сомнение за кривично дело нанесување телесни повреди, но засега нема индиции дека е извршен напад врз претседателот на АфД“, се вели во соопштението од државното правобранителство во Инголштад, Баварија.

Претседателот на AfD, Тино Чрупала, кој е претседател на партијата заедно со неговата партиска колешка Алис Вајдел, во средата го прекина предизборниот митинг во Инголштад и беше испратен во болница поради „здравствени проблеми“.

Од партијата соопштија дека Чрупала бил жртва на напад и дека „со непознат предмет бил прободен во рамото“, по што се пожалил на здравствени проблеми и бил препратен во болница. Во болница е констатирано црвенило на рамото, но без други здравствени проблеми.

Во моментов се врши токсиколошка анализа на крвта и вештачење на облеката што ја носел Чрупала на изборниот митинг. Се истражуваат и фотографии направени на местото на настанот.

Државното обвинителство соопшти дека за време на собирот имало физички контакт со повеќе лица кои сакале да се фотографираат со првиот човек на AfD, но дека нема индиции за напад на Чрупала.

И Федералната агенција за криминал (BKA), која е задолжена за безбедноста на политичарите на федерално ниво, нема индикации дека Чрупала бил нападнат.

Во врска со другиот дел од претседателското дуо на партијата AfD, Алис Вајдел, пред неколку дена излегоа информации дека се подготвува атентат врз неа и нејзиното семејство, по што таа „се засолнила“ но нејзиното појавување на Митингот во Баварија беше одложен.

Во недела се одржуваат избори во сојузната покраина Баварија, каде AfD има шанса да стане втората најсилна партија во оваа економски силна држава.

Слични содржини