Руска амбасада: Испраќањето британски тенкови нема да ја промени ситуацијата на фронтот во Украина

од Nikola Popovski

Руската амбасада во Лондон денеска оцени дека испраќањето британски тенкови Челинџер 2 во Украина само ќе ги интензивира конфликтите со мали шанси за промена на ситуацијата на фронтот.

„Испраќањето тенкови на никаков начин нема да го забрза крајот на воените дејствија, туку само ќе ги интензивира и ќе предизвика нови жртви“, се вели во соопштението на руската амбасада.

Се додава дека е „малку веројатно“ овие тенкови да ѝ помогнат на украинската армија да ја „преврти ситуацијата на фронтот“.

Британската влада денеска објави дека ќе испрати тенкови Челинџер во Украина, со што ќе стане првата западна земја што ќе испрати тешки борбени возила во Украина, која се соочува со руска инвазија.

Британскиот премиер Риши Сунак во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Лондон ќе ја зголеми помошта и ќе испрати тешки тенкови, како и дополнителни артилериски системи.

Од почетокот на руската инвазија, западните земји испратија околу 300 тенкови од советско производство во Украина, а до сега не ги испратија своите тенкови и покрај неколкуте повторени барања од Киев.

Слични содржини