Руската амбасада во Вашингтон: Русија нема да отстапи поради заканата од американски санкции

од Milan1

Руската амбасада во Вашингтон соопшти дека Русија нема да отстапи пред заканата со санкции од САД.

Во соопштението објавено на Фејсбук, амбасадата оцени дека генератор на тензии во односите меѓу двете земји не е Москва, туку Вашингтон, пренесува РИА Новости.

„Нема да се повлечеме и да застанеме, слушајќи ги заканите за американски санкции“, се вели во соопштението.

Руската амбасада смета дека САД поттикнале, како што се наведува, „радикално-националистички пуч во Киев, како резултат на кој жителите на Крим биле изложени на закана од уништување и гласале за повторно обединување со Русија“.

Амбасадата наведува дека Вашингтон ги снабдува украинските власти со модерно офанзивно оружје и ги обвинува САД дека ја доближуваат својата воена инфраструктура до руските граници, со што се крши принципот на неделивост на безбедноста.

Истовремено, во соопштението се нагласува дека Русија има суверено право да ги движи вооружените сили на своја територија и дека тоа не е закана за никого.

Западните земји и се закануваат на Русија со санкции без преседан и ја обвинуваат дека подготвува инвазија на Украина. Москва ги отфрла сите тврдења, велејќи дека ги преместува војниците на своја територија.

Слични содржини