Шилегов: Статусот на Скопје за европска престолнина на културата е доказ дека само високите амбиции и работата може да ни донесе успех

од Nikola Popovski

Статусот на Скопје за европска престолнина на културата за 2028, е доказ дека само високите амбиции и континуитетот во работата се нешто што на сите нас може да ни донесе успех, ако знаеме што се стратешките интереси и внимателно ги одбереме, порача поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Екс-градоначалникот испрати благодарност до сите кои уште во 2018 година веруваа дека ова е можно и несебично се вложиле во овој проект.

Шилегов се заблагодари и на Министерсвото за култура што, како што вели, останало упорно и посветено на овој нивен заеднички проект.

Благодарност до Град Скопје што опстоја на овој амбициозен план, објави Шилегов на социјалните мрежи.

Титулата европска престолнина на културата Скопје ќе ја сподели со градот Чешке Будјовице и уште едно место во Франција, чија номинација се очекува во декември.

Преку замислата започната во 1985 година по идеја на тогашната грчка министерка за култура, Мелина Меркури, европските престолнини на културата прераснаа во еден од најамбициозните културни проекти во Европа и една од најпознатите и најценетите активности на ЕУ.

Нивните цели се да ја промовираат различноста на културите во Европа, да ги истакнат заедничките карактеристики што ги споделуваат меѓу себе и да го поттикнат придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.

Скопје ја поднесе кандидатурата за европска престолнина на културата во 2018 година во мандатот на Шилегов, а тогаш министер за култура беше Роберт Алаѓозовски.

Слични содржини