Скратена настава на 23. април и 7. мај во училиштата каде што ќе се гласа

од Nikola Popovski

Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, велат од Министерството за образование и наука за изборните денови и фактот што претежно гласачки места се училиштата низ државата.

МОН информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето ќе бидат работни за сите училишта. При тоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе се реализира од 7:00 до 11:00 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во останатите училишта каде не се спроведува гласање, наставата се реализира вообичаено и согласно предвидениот дневен распоред.

-Потсетуваме дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, додека за учениците од основните училишта до 17 јуни, додаваат од МОН.

Првпат оваа година учениците ќе имаат пролетен распуст, од 29 април до 6 мај. Поради велигденските празници нема да се работи ни на 5 и 6 мај.

Владата одлучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија. Ваквата одлука е донесена заради непречено спроведување на изборите за претседател и изборите за пратеници во Собранието. Двата неработни дена нема да се одработуваат.

Претходно Владата имаше одлучено адмнистрацијата да не работи, додека за приватниот сектор беше донесена само препорака. Сепак вчера на седница ја преиначи одлуката.

Слични содржини