Смилевски: Некому очигледно му пречи што Бутел забрзано се модернизира

од Берта Китинска

Демаскирани беа сите обиди на кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, да ги манипулира граѓаните на вчерашната дебата за градоначалник на Бутел, со кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник на оваа скопска општина, Велимир Смилевски, реагираат од СДСМ Бутел на вчерашното соочување на двајцата кандидати.

При настапот на ТВ Клан, Костовски многу нервозно и со неприкладен речник, недозволив за некој кој се претставува за политичар, се обиде да подметне лаги поврзани со резултатите од четиригодишниот мандат на Смилевски.

Во образложувањето на остварувањата во инфраструктурните проекти и развојот на Бутел, градоначалникот Смилевски посочи дека пред неговото доаѓање на функција, тогашните општински власти, предводени токму од функционери на ВМРО-ДПМНЕ, чиј дел е и Костовски, воопшто не мислеле на развојот на Бутел и не носеле соодветни Детални урбанистички планови, а и ги манипулирале бутелчани.

„Некому очигледно му пречи што Бутел забрзано се модернизира и што е општина со голем економски раст. Најнапред, моравме да ги поставиме работите на нозе, затоа што ВМРО-ДПМНЕ тоа не го стори 12 години по ред. Тие вкупно изработија осум ДУП-ови за тој период, а ние донесовме осум ДУП-ови и 21 во фаза на разгледување. Да им ветувате на граѓаните дека ќе направите поликлиника, а да не им кажете дека таа прво треба да се впише и соодветно да се планира, како и да се обезбедат средства за тоа, е класична лага и манипулација!“, рече Смилевски

Во изминатиот период, вели актуелниот градоначалник и кандидат за Бутел, остварени се над 250 проекти, пред сè, од инфраструктурен карактер, потоа во образованието, во локалниот економски развој и во секоја сфера од животно значење за секој бутелчанец.

„На манипулациите и лагите, ние спротивставуваме резултати и вистина! Продолжуваме со активностите на сите граѓани на Бутел да им ја доближиме нашата програма и нашата визија за развој на Бутел и во следниот четиригодишен период“, истакна Смилевски.

Слични содржини