Спасовски: Криминалните групи од Грчец, Арачиново и Чаир се речиси целосно разбиени

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР, од аспект на заплена на дрога, постигна одлични резултати, едни од најдобрите во последните 30 години. Криминалните групи од Грчец, Арачиново и Чаир, според министерот, се речиси целосно разбиени.

-Во овие први девет месеци од 2023 година имаме некаде околу 576 кривични дела откриено за трговија со дрога. Пријавени се некаде околу 680 сторители и притоа бележиме зголемување на заплените на кокаин, на амфетамин и на екстази. Запленети се 304 килограми марихуана, седум килограми амфетамини, околу 3,2 килограма кокаин, околу 4 000 парчиња екстази, 5 000 таблети трамадол, 3 500 таблети МДМА, а откриена е и една лабораторија за производство на амфетамин. Ова се резултатите кои говорат за зголемување на откривачката функција во трговијата со дрога и покажуваат посветеност во работењето и тоа на највисоко ниво во сузбивањето и борбата против трговијата со дрога, истакнува Спасовски во интервјуто за „Гласот на Америка“.

Значителни постигнувања, додава, се постигнати и во спречување на организираните облици на трговија со дрога.

-Во овој период се пресечени три меѓународни транспорти на марихуана и се сузбиени 5 криминални групи кои дејствувале меѓународно и национално во делот на недозволената трговија со марихуана и кокаин, во кои членувале 28 македонски државјани и притоа се запленети околу 71 килограм марихуана и 1,5 килограми кокаин, а во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција се запленети 429 килограми кокаин. Станува збор за акции кои се реализираа по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција. Дополнително, на почетокот на јуни, Одделот за криминалистичката полиција во рамки на заедничката меѓународна истрага за борба против дрога, во Солун, Грција и Американската служба за борба против дрога – ДЕА имаа успешно реализирана акција на заплена на 161 килограми кокаин кој што бил транспортиран од Еквадор. Ова е една од акциите кои што ја спомнав, а втората е на 104 килограми кокаин, каде што се лишени од слобода 10 лица, од кои 7 се државјани на Грција и три државјани на Албанија, а четири државјани на Република Северна Македонија. Ова се одлични резултати, едни од најдобрите во последните 30 години од независноста на државата и практично најголемите криминални групи и структури, познатите групи од Грчец, од Арачиново и од Чаир се скоро целосно разбиени и на тој начин дадовме еден сериозен одговор за тоа каква е намерата на државата да се справи со најтешките облици на криминалитет, а тоа е, секако, трговијата со дрога, подвлече Спасовски.

Слични содржини