Спасовски: Од заробена институција без доверба, МВР стана ефикасна институција со над 65 отсто доверба кај граѓаните

од Stefanija Kuzmanovska

Во интервју за ТВ магазинот „Трилинг“ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на обвинувањата од партијата ВМРО-ДПМНЕ дека наводно бил најлош министер за внатрешни работи досега, потенцираше дека постојат аргументи, факти и докази кои го кажуваат токму спротивното и во една паралела ги изнесе сите факти.

„Прво, 2015 година го затекнав министерството како високопартизирано и криминализирано, министерство кое што злоупотребуваше човекови права, прислушуваше над 22.000 граѓани, министерство кое што криеше убиства, ќе спомнам за Мартин Нешковски и припадникот кој што го уби од обезбедувањето на Груевски, ќе ја спомнам ‘Вистината за Македонија’ која што ја објавивме низ разговорите, ќе спомнам за долг од 40 милиони евра, ќе спомнам за никакви услови за работа на полициските службеници и дека беше едно од најнетранспарентните и најзатворени институции во државата. Ќе спомнам за историски најмалото ниво на доверба кај граѓаните“, потенцираше Спасовски за периодот до 2015 година.

Спасовски потенцира дека денес Министерството за внатрешни работи е една од трите најтранспарентни институции, со доверба повеќе од 65 отсто кај граѓаните, со бројки на постојано намалување на вкупниот криминалитет и зголемување на ефикасноста.

„2023 година ја завршивме како година во која што имаме 8 отсто намалување на вкупниот криминалитет во споредба со 2022 година и за 4 отсто зголемување на ефикасноста. Имаме министерство кое што успеа целосно да ја обнови и консолидира воздухопловната единица, за прв пат воведовме можности за гаснење пожари од страна полициските воздухоплови, за прв пат успеавме да поставиме систем за медицински транспорт, да реконструираме 80 објекти, да изградиме нов ИКТ центар со комплетна информатичка инфраструктура и да го смениме системот кој што бил од осумдесеттите години, да изградиме најсовремена форензичка лабораторија, да градиме нова полициска станица во Аеродром, да се започне реконструкција на целиот систем кој што е во Македонската телевизија за управните служби, да се набават униформи и многу други работи за кои можеме да зборуваме уште една цела емисија“, рече министерот Спасовски.

Слични содржини